Тиквеш ја доби драмата покрај Црн Дрим – носи два бода од Струга!

Ракометарите на Тиквеш запишаа стартен триумф во Супер лигата, откако на гостински терен беа подобри од Струга со 28-27. Момците на Кристијан Грчевски беа во негатива од пет гола, направија комплетен пресврт предводени од голманот Марјан Велков во вториот дел, а на крајот можеа да останат без двата бода, но голот што Струга го постигна, судиите решија дека е надвор од времето, па така радоста на кавадарчани можеше да почне.

Бен Махфуд даде осум гола, а седум пати реализираше Коцев во триумфот на Тиквеш, додека голманот Велков имаше десет интервенции, од кои два пенали. Кај Струга, Јукиќ беше најдобар со 12 гола.

По стартните 3-2 за домашните по пет минути игра, се разгореа страстите на теренот, па судиите Илиевски и Шуковски имаа многу работа. Родиќ стартуваше над Димковски, доби казна од две минути, но некои нерасчистени сметки имаа Чејовиќ и Крстаноски, па нивната вербална пресметка, прерасна и во физичка.

Но набрзина реагираа останатите и беше спречен инцидент. Судиите му доделија црвен и син картон на Чејовиќ, а Крстаноски доби казна од две минути. Домашните го искористија овој период и успеаја да се одлепат на плус четири, 7-3.

Кавадарчани не се предаваа така лесно и полека ја топеа негативата, па по дваесетина минути стигнаа на минус еден, 13-12 со голот на Коцев од контранапад. Наместо да продолжат во ист ритам, гостите почнаа да грешат – Симиќ, па Бен Махфуд на двапати промаши, а за тоа време Струга казнуваше и набрзина стигна до највисоки плус пет, 17-12.

На одмор се замина со 20-15 за домаќините, откако Шилегов даде гол во последните секунди. Стружани се опуштија прерано, па тоа го искористија кавадарчани и за само девет минути во второто полувреме дојдоа до реми, 21-21, иако домашниот стратег претходно повика тајм-аут.

Велков се разбрани, стружани влегоа во „црна дупка“ и Тиквеш успеа да направи голем пресврт и да поведе со 25-22. Лошата серија на Струга ја прекина Јукиќ, потоа и Танкоски имаше шанса од пенал да намали уште повеќе, но Велков одново одбрани. Во последните десетина минути се влезе со плус три за Тиквеш, 26-23, а домашните останаа без Крстаноски кој го доби третото исклучување и црвен картон.

Битката се разгоре во финишот, Струга на две минути до крајот погоди преку Рајатоски за 27-26 и за возбудувања, особено откако кавадарчани останаа без Димковски, кој беше исклучен. Ончев донесе плус два, а Манасков реализираше набрзина на спротивната страна и кавадарчани тргнаа во последен напад. Добија седмерец преку Бен Махфуд, кој промаши, останаа уште осум секунди во кои Струга погоди, но судиите потврдија дека времето било веќе истечено и не го признаа погодок, па Тиквеш се израдува на двата бода.