Еурофарм Пелистер освои бод на тешкото гостување во Охрид, 28-28, а Лино Червар по натпреварот беше задоволен од карактерот што го покажа неговата екипа. Искусниот стратег потенцира дека тимот сè уште се гради, дека младите мора да добиваат шанса и дека ваквите натпревари се вистинска реклама за македонскиот ракомет.
Еурофарм Пелистер помина низ вистинска битка во „Билјанини Извори“, а Лино Червар по натпреварот не го криеше задоволството што неговите играчи успеаја да останат во мечот до самиот крај.
Според искусниот тренер, битолчани можеле да заминат од Охрид и со цел плен, но во прв план ја стави борбеноста на екипата.
„Можеа да бидат и два бода. Ќе се обидам да бидам реален – драго ми е поради момците што не го загубивме натпреварот, бидејќи навистина се бореа, а овде не е лесно да се игра. Имавме грешки и од наша страна, но не се откажавме ниту една секунда и постојано се боревме за резултат“, вели Червар.
Натпреварот го оцени како вистински првенствен дуел, со висок интензитет и неизвесност.
„Беше тешко и за играње и за гледање, толку беше напнато. Мислам дека ова беше вистински првенствен натпревар и комплименти заслужува и Охрид“, истакна тренерот на Еурофарм Пелистер.
„Ова е патот по кој сакаме да одиме“
Еурофарм Пелистер сезонава не тргна по создавање тим исклучиво со звучни засилувања, а Червар јасно кажува дека сака дел од иднината на клубот да ја гради и со играчи кои доаѓаат од сопствениот систем.
„Мислам дека тоа е патот по кој треба да одиме. Имаме неколку играчи кои ги земавме од втората екипа и тие се наша иднина. Имаме и нов играч кој дојде, ќе видиме како ќе ни одговара и како ќе се вклопи, но не треба постојано само да бараме некој друг. Треба и овие момци да добијат време, да се вклопат и да станат дел од тимот“, објаснува Червар.
Еден од проблемите во Охрид беше и кратката ротација.
Червар во поголем дел од натпреварот се потпираше на ограничен број ракометари, но најавува дека во периодот што следува ќе мора да ги вклучи и останатите.
„Имаме играчи кои сè уште немаат доволно искуство и немам премногу избор во одредени ситуации, но работиме на тоа. Ќе ги користиме следните натпревари за да им дадеме шанса и на другите, за и тие да можат да го издржат ритамот кога ќе ни бидат потребни. Има играчи кои сега не играа, а во одреден момент ќе бидат многу важни за нас“, вели Червар.
„Многу тренираме, а ќе тренираме уште повеќе“
Хрватскиот стратег не крие дека неговата екипа сè уште е далеку од она што сака да го гледа во текот на сезоната.
Затоа нагласува дека најголемиот простор за напредок ќе дојде преку работа.
„Ние уживаме во работата. Навистина многу тренираме и ќе тренираме уште повеќе. Ќе бидеме подобри и јас сум задоволен од тоа како екипата работи“, порача Червар.
Тој позитивно гледа и на фактот што во македонскиот шампионат има неколку екипи кои можат рамноправно да се вмешаат во борбата за врвот.
„За ракометот е добро што сите сме внатре во таа борба. Добро е и за медиумите што го следат и пренесуваат ракометот, бидејќи така дополнително се промовира. Ние сме мала земја, а имаме четири екипи кои можат да играат добар ракомет и да се борат. Тоа е добро за македонскиот ракомет“, смета Червар.
Кога зборуваше за тоа што можело да го реши натпреварот во корист на Еурофарм Пелистер, Червар вели дека имаше некои ситуации во кои можеа да реагираат поинаку.
„Имавме неколку ситуации кои можеа да завршат поинаку, една топка во статива, некој удар можеби можеше да влезе… Но сега тоа се само претпоставки. Мислам дека ние како екипа уште ќе растеме“, потенцира Червар.
За него најважно е што Еурофарм Пелистер покажа дека може да остане во натпреварот и кога не оди сè според планот.
„Момците се бореа и мислам дека беше убав натпревар, неизвесен цело време“, заврши Червар.
Следен предизвик за битолчани ќе биде домашниот натпревар со „витамините“ од Автокоманда наредниот викенд.
























