Поради црвениот картон заработен во полуфиналето на ЕХФ пампионатот во Литванија, на дуелот со Полска, македонскиот селектор финалниот меч со Исланд го проследи од трибината, и имаше „чувар“ кој постојано го предупредувал дека не смее да дава совети, да навива. Не смеел да се симне на терен ниту на доделувањето на медалите, химната ја пеел од трибина... се радувал со солзи во очите... Но, и покрај тоа успевал да комуницира со клупата, ракометарките...
Македонските кадетки ги испратија како аутсајдери а ги дочекаа како шампионки. На ЕХФ шампионатот, кој е всушност Б Европско првенство нашите млади ракометни надежи го освоија првото место со што се пласираа меѓу најдобрите репрезентации во Европа и се здобија со можност да играат на ЕП за кадетки и младинки во 2023 и за кадетското СП 2022 година. Македонскиот селектор Љубомир Савевски за неполни три месеци направи ракометен бум, шок терапија што донесе успех и отвори многу врати за следните генерации. По осум години Македонија повторно е во европскиот и светски младински ракометен крем.
И додека сите се радуваат на успехот, селекторот Савевски сподели приказна како тој го доживеа финалето на кое мораше да биде на трибината наместо на клупата. Поради црвениот карток добиен на полуфиналниот меч со Полска, автоматски заработи суспензија од еден меч.
„Почувствував дека екипата почна да паѓа, имаше и некои одлуки на терен и морав нешто да сторам. Некогаш тој притисок вродува со плод, некогаш не. Но, сметам дека доколку во тој момент не направев притисок немаше да стигнеме до финалето. Потоа стигна и одлука со која освен што морав да бидам на трибина ми беше забрането да давам совети од трибината, да комуницирам со клупата, па дури и не смеев да се симнам на терен по завршување на целата церемонија“, ни објаснува Савевски.
Но, понекогаш токму таквите казни значат и мотив плус на играчите. Аутсајдерот Македонија излезе на финале против Исланд и едноставно, одигра за себе, за селекторот, за сите оние што веруваа во нивните квалитети. А Савевски едвај останал мирен на трибината во текот на мечот.
„Имав чувар покрај себе постојано. Не смеев да викам, да давам совети, постојано ме предупредуваа. Дури ми се закануваа дека ќе ме казнат најмалку 6 месеци ако продолжам. Тешко беше. Ме снимаа аудио како зборувам, па ме предупредуваа. А јас се обидував да најдам начин да кажам што треба и како. Па почнував со ракоплескање и браво, браво, браво… Па продолжував со ракоплескање и зборување.. браво, браво сеага направете измена таква и таква… како да пеев и навивав истовремено. Но, и тоа го сфатија па повторно ме предупредуваа, објаснува Савевски. „Но, продолжував колку можам. Се правдав дека навивам, но постојано ми се закануваа со казна. И морав да издржам, да верувам во девојките. И не згрешив.
Од другите репрезентации кои биле на трибините дури и го предупредувале дека треба да внимава дека го снимаат и го следат постојано на трибината. На сениорските ЕП не е забрането да има аудио комуникација на клупата со некој стратег на трибината, но сега тоа било забрането. Па постојано се следел секој чекор на клупата, на селекторот на трибините. Се барало нешто забрането, бидејќи Македонија играше одлично, а Исланд немаше одбрана што ќе ги спречеше „лавиците“ да погодуваат.
Но, немаше потреба од многу совети. Овие девојки, или дел од нив веќе долго беа со Савевски и Јулијана Дамчевска и веќе ги имаа подготвено сите акции. За разлика од девојките кои стигнаа до златото и се радуваа на подиумот со подигнат пехар, Савевски химната ја пеел на трибина.
„Тоа ми беше и тешко и лесно. Тешко бидејќи не сум долу да се радувам заедно со девојките, ама лесно затоа што бевме победници, бевме најдобри. Но, потоа кога заврши се, сепак направивме убави фотографии. Сите сакаме да имаме спомен кога сме освоиле нешто. Девојките дојдоа кај мене и заедно се израдувавме на она што заедно го постигнавме, објаснува Савевски.
По 11 години Савевски повторно се врати на тренерската клупа повторно покажувајќи дека е тренер со визија, и голем мотив за работа. Со младинците беше на СП, со сениорките на СП. Она што го почна со кадетките и младинките сега веројатно ќе го продолжи со сениорките кои в година треба да играат на ЕП 2022 каде еден од домаќините е и Македонија. Истото се игра во Македонија, Црна Гора и Словенија.
Савевски: Ние сме тим-семејство, верувавме во себе и ја “бутнавме” планината!
Мукаетов ги поздрави “лавиците” – Направивте големо дело за македонскиот ракомет!
Златните „лавици“ на прием кај претседателот Пендаровски (ФОТО)