Савевски: Ние сме тим-семејство, верувавме во себе и ја “бутнавме” планината!

Денеска златните македонски кадетки имаа прием од раководството на Ракометната федерација на Македонија.

По претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, на присутните и на кадетките им се обрати и селекторот Љупчо Савевски.

“Да ве поздравам и да ве промовирам со новото име “лавици. Покажавте дека сте како феникс, и кога губевме осум, пак се враќавте. Ние сме тим семејство кој сака да оди кон врвот. На сите ни ги наполнивте срцето и душата, ни дадовте уште поголем мотив, како подобро и поуспешно да работиме во иднина. Наскоро полнам 50 години во ракометот, а во мојата кариера не сум имал вакви услови, за тоа сакакм да се заблагодарам на целата РФМ, директорот Китевски кој ме натера по 11 години да се вратам на ракометот, на моите асистенти кои цело време работеа со мене – Аце, Јуле, Тања, Мирјета….Спремни сме да поставиме нови предизвици, со програми за секоја девојка посебно, па се надевам дека ова што го направивме во Литванија ќе се случи и на сениорските настани. Ние стигнавме до три големи натпреварувања. Мојата омилена фраза е “ако верувате во себе, ќе ја бутнете планината”, а вие го направивте тоа и ви благодарам од се срце”, кажа Савевски.

Македонија во групата ги победи Финска, Литванија и Косово, загуби од Шпанија, во полуфиналето ја елиминира Полска, додека во финалето совладан беше Исланд.