Селекцијата на Франција исто како и пред пет години во Рио де Жанеиро се избори за финале на женскиот турнир на Олимписките игри откако во првото полуфинале денеска дојде до победа против Шведска од 29:27.
Во натпревар со многу израмнета игра и повеќе од 50 минути Франција имаше подобар финиш од својот противник. Тогаш решаваше секој удар, секоја одбрана, а Французинките во тие моменти покажаа многу повеќе.
Од почетокот на средбата се виде дека ова ќе биде израмнет натпревар. Шведска имаше највисоки плус три уште во отворањето на натпреварот кога поведе со 5:2. Овие три гола разлика не беа зачувани бидејќи Франција успеа да се врати во средбата и да биде на гол до два негатива до израмнувањето на 10:10 кога беше направен и пресврт и преземано водството.
Сепак, немаше поголема предност од два гола, па на одмор се замина со само еден гол предност. Франција имаше 15:14 после 30 минути игра.
Вториот дел беше идентичен како првото полувреме. Долго се бараше игра за да се создаде поголема предност. Сепак, беше израмнето до 21:21. Во овој период Шведска остана без Блом, па тоа очигледно влијаеше. Веќе немаше толку сигурна игра во нападот, а Французинките го казнија ова. На 5-6 минути до крајот стигнаа до плус три, а на три имаа 29:25 и веќе беше решено сè.
Швеѓанките се обидоа, но не можеа ништо повеќе на овој натпревар. Мораа да потпишат капитулација така што останаа без место во финалето. Франција си обезбеди медал, а дали ќе биде конечно освоена и титулата ќе се види в недела. Пред пет години во финалето Франција загуби од Русија. Шведска, пак, ќе игра за бронзата против поразениот состав од дуелот меѓу Русија и Норвешка.
Зади Деуна денеска беше најефикасната во редовите на Франција со седум гола, додека Фопа петпати го погоди голот на Шведска. Кај Швеѓанките најефикасни со по шест погодоци беа Карлсон и Вестберг.