Франција досега имаше три финалиња, а со денешната победа против Египет си обезбеди уште едно. Има победи од 2008 и 2012 година и сребро од 2016 година.
Репрезентацијата на Франција има една од најимпресивните серии со учество во финалињата на Олимписките игри откако денеска го совлада составот на Египет со 27:23 и дојде до место во финалето в сабота.
Египет имаше одлично отворање на натпреварот. Брзо беше обезбедено водство од 5:1 и овие плус четири даваа најава за интересна средба. Сепак, ова беа одлични моменти на одбраната на Египет и преголемо солирање на Дика Мем кој се обиде самиот да решава сè со брзи шутеви од неизградена позиција.
Ваквата игра на Французите беше казнета, па после 1:5 почнаа да се менуваат работите на теренот. Прво беше намалено на 4:7, а тука дојде до комплетно враќање на триколорите во игра. Никола Карабатиќ го покажа своето искуство, доби помош од Хуго Дескат, а сè подобар на голот беше и Жерард.
Ова допринесе да има израмнета игра до крајот на првиот дел кога резултатот беше 13:13.
Во второто полувреме веќе немаше простор за многу игра за Египет. Французите влегоа во вторите 30 минути со далеку посериозен пристап и тоа овозможи да се има контрола на играта во текот на целото полувреме.
Египет успеа да израмни само при 14:14, 17:17 и 18:18, а тука го загуби приклучокот. Веќе немаше можност за момците на Парондо да се борат за нешто повеќе на овој дуел. Се обидуваа да намалат, но одеше тешко бидејќи не успеваа да стигнат до ново израмнување.
Искуството на Франција беше преголемо и мирно беше приведен овој дуел кон крајот така што немаше ништо непредвидено и беше обезбедена победа од 27:23. Тоа значи дека Франција четвртипат по ред ќе игра во финалето. Победи во Пекинг во 2008 и во Лондон во 2012 година, а пред пет години во Рио де Жанеиро во финалето беше претрпен пораз од Данска со 26:28.
Хуго Дескат и Дика Мем беа најефикасни со пет гола, а зад нив со по четири останаа Никола Карабатиќ и Недим Ремили. Во Египет по пет гола имаа Ахмер Елахмар и Јахија Омар.