Селекцијата на Норвешка во женска конкуренција дојде и до петтата победа во петтиот натпревар на Олимписките игри откако го совлада и домаќинот со 37:25 и го остави без место во четврт-финалето.
Јапонија се надеваше на кикс на Норвежанките за да влезе меѓу најдобрите осум, но со Норвешка нема тактизирање и оваа селекција продолжува да доминира.
Од почетокот на средбата се виде дека Норвешка е решена да го добие овој натпревари сè одеше според планот од почеток. Постојано се зголемуваше разликата за на одмор да се има 16:11.
Овие пет гола разлика во продолжение беа уште повеќе зголемени така што во ниту еден момент немаше неизвесност околу прашањето за победникот и беше прашање која ќе биде разликата на крајот. Норвешка стигна до плус 12 за конечни 37:25 и пет победи на пет средби во групната фаза со што ова е единствената селекција во двете конкуренции кои немаат ниту еден пораз.
Фрафјорд со шест гола, но Мерк и Скогранд со по пет беа најефикасните кај Норвежанките, додека Охијама и Јокошима со по пет гола први стрелци на Јапонија во последниот меч на овие игри за домаќинот. Норвешка следната средба ќе ја има во четврт-финалето против селекцијата на Унгарија.