Актуелниот светски и олимписки шампион Данска не попушта во темпото и по четири кола од групната фаза во Токио останува на максимум. Избраниците на Николај Јакобсен триумфираа над Португалија со 28-34.
Со оглед на тоа што го имаа од претходно обезбедено местото во четвртфиналето, данските ракометари не играа како што знаат, а Ландин и Мелер немаа свој ден. Сепак и покрај тоа успеаја да слават на незгодните Португалци.
Во првиот дел Данците отворија со 1-4, во неколку наврати водеа и со плус четири, но избраниците на Пауло Переира не се предаваа и до крајот на полувремето успеаја да намалат на минус еден, 19-20.
Во второто полувреме се си дојде на свое место. По 21-22 на стартот, Данците направија голема серија од пет гола за 21-27 и веќе беше јасно кој ќе ги освои бодовите од овој натпревар.
Најдобри стрелци кај Данска беа Хансен со девет и Гидсел со седум гола, додека Ландин имаше само една одбрана, а Мелер собра пет. Кај Португалија се истакна Бранкињо со четири погодоци.