Во рамките од четвртото коло од Олимписките игри во Токио, Бразил не дозволи да има сензација и ја запиша првата победа откако во драматичен финиш беше подобар од Аргентина со 25:23.
Бразил во текот на натпреварот водеше и со високи 12 гола разлика, но ракометарите на Маноло Каденас во последните десет минути од натпреварот лавовски се бореа за секоја топка. Нивниот обид за пресврт беше неуспешен, немаше доволно време, а како главна причина за несреќниот пораз на Аргентинците се лошите 45. минути игра.
Репрезентацијата на Бразил одлично го отвори натпреварот и постојано беше во предност. По 15. минути игра, Бразил имаше солидни четири гола разлика, 8:4 и до самиот крај на првото полувреме рутински го одржуваше стекнатото водство.
Аргентинците никако не можеа да фатат приклучок, одбраната на нивниот противник беше на ниво, па така немаше лесни голови. По 30. минути игра, Бразил замина со предност од 14:7.
Во второто полувреме целосно се распадна играта на репрезентативците на Аргентина. Нивните грешки беа искористени од ракометарите на Бразил кои во 40. минута имаа плус 12 гола разлика, 22:10. Тука веќе се чинеше дека победата на бразилската репрезентација е загарантирана.
Аргентина започна да игра поангажирано во нападот и водството на Бразил се топеше од минута во минута. Ракометарите на Аргентина направија серија од 10:0 и водството од 12 разлика беше преполовено на само два, 22:20, на десет минути пред самиот крај.
Бразил се обиде да го сочува водството и во завршните минути не дозволи целосен пресврт од страна на нивниот противник. На неполни две минути пред крајот, Аргентина имаше негатива од 24:22, но Бразил преку Густаво Родригес го постигна победничкиот гол.
Победничката репрезентација на Бразил беше предводена од Жоао Силва кој постигна седум гола. Во репрезентацијата на Аргентина прв стрелец беше Рамиро Мартинес со шест гола.