Репрезентацијата на Франција можеше да дојде до победа против Шведска после истекот на времето, но Зади Деуна го промаши ударот од седум метри така што на крајот радоста оди кај Швеѓанките кои освоија бод после ремито од 28:28.
И двете селекции имаа свои моменти на овој дуел и свои пресметки како да дојдат до победата. Имаше две различни полувремиња во однос на ефикасноста. Во првото Франција доминираше 20 минути и го полнеше голот на Шведска. Сепак, во завршницата од првото полувреме дојде до поправање на играта и Швеѓанките фатија приклучок, па на одмор беше 17:16 за Франција.
Во поголемиот дел од второто полувреме Шведска ја имаше контролата на играта и го диктираше темпото. Водството постојано беше во корист на Швеѓанките кои влегоа во финишот со предност.
Сепак, последните десет минути решаваа кој ќе дојде до бодовите. Селекцијата на Франција успеа да го зачува голот и да го има последниот напад. Искористи можност и дојде до седум метри, а времето веќе беше истечено. Шансата за бодови беше во рацете на Зади Деуна, но таа не го реализираше ударот, па двете селекции мораа да се задоволат со по еден бод.
Јесика Риде со девет одбрана беше солидна на голот, а имаше 39 проценти на успешност. Седум гола имаше најефикаснаа Карин Стромберг, додека четири имаше Јамина Робертс. Кај Французинките голманките немаа свој ден. Лејно имаше само две интервенции, а Клеопатра Дарле вкупно четири. Со шест гола најефикасна беше Паулета Фопа.
И покрај ремито Шведска остана на врвот на табелата во Групата Б со пет поени, четири има Шпанија, додека по три имаат Бразил, Русија и Франција. В сабота Франција игра против Русија, додека Шведскз за противник ја има селекцијата на Бразил.