Во големото дерби во рамките од Б групата, Шпанија беше подобра од Бразил со резултат 27:23. Иако се очекуваше поголем отпор од Бразил, сепак репрезентативките на Шпанија во последните дваесетина минути беа подобар противник и заслужено освоија нови бодови.
Првото полувреме од натпреварот помина во голема борба на двете репрезентации. Бразил тргна самоуверено со водство од 2:0 во почетните минути.
Шпанија од 20. минута па се до крајот заигра поангажирано во нападот и своја поддршка имаше од голманката, Силвија Наваро која покажа одлична партија меѓу стативите.
Водството на Бразил од три гола предност полека се намалуваше и во 26. минута, Шпанија направи целосен пресврт преку Лара Гонзалез за 12:11. По 30. минути игра резултатот беше нерешен, 13:13.
Репрезентацијата на Шпанија во второто полувреме покажа моќно издание. По десетина минути игра во вториот дел, Шпанија имаше плус четири разлика, 20:16, а ракометарките на Бразил никако не можеа да се вратат во игра.
Во последните десет минути играта на Бразил целосно исчезна, се зголемуваа грешките и одбраната дозволуваше лесни голови во нивната мрежа. Шпанија рутински го одржуваше водството и до крајот не дозволи да има изненадување.
Одлична на голот на Шпанија беше Силвија Наваро со фантастични 18 одбрани, односно 46% успешност на одбранети удари. Во шпанската „фурија“ најефикасна беше Нереа Пена со седум гола. Во поразената репрезентација, Бруна де Паула беше единствена светла точка со осум голови од 16 обиди.