Ракометарите на Радовиш ја остварија најважната победа во плеј-аутот од Суперлигата. На гостински терен беа подобри од составот на КЛ7 со 23-24. За Радовиш останува само уште дуелот со Астраион на гости, додека КЛ7 ќе игра против Работнички.
Избраниците на Игор Котевски поведоа со 2-0, беше и 3-1, но искусните гости се вратија набрзина во игра и израмнија на 4-4. Потоа се играше гол за гол, свои моменти имаа и голманите на двете екипи, Петковски и Паунов.
Радовишани стрелаа два пати по ред во финишот на полувремето, па на пауза се замина со 11-13.
На стартот на вториот дел, Паунов одбрани два зицери, па Радовиш стигна и до највисоки плус четири, 12-16. Главниот дефанзивец на радовишани, Александар Марков доби трето исклучување и црвен картон, па КЛ7 побрзо го наоѓаше патот до мрежата на ривалот.
Котевски викна тајм-аут по високата негатива, па КЛ7 се доближи на минус 16-17. Имаше шанса и за реми, но Паунов одбрани зицер, па неговите соиграчи искористија уште неколку грешки на домаќинот и на петнаесетина минути до крајот, Радовиш повторно имаше плус три, 16-19.
Гостите почнаа да грешат во нападот, па КЛ7 се врати во игра, 19-19. Радовиш во продолжение погоди преку Стојановски, а потоа Паунов му одбрани шут на Гајиќ и гостите на шест минути до крајот имаа плус три, 20-23.
Повторно голманот на Радовиш се испречуваше пред младите ракометари на КЛ7, беше и 21-24, а на минута до крајот Симоноски намали на 22-24. Радовишани не погодија, но Паунов одбрани и славјето на гостите можеше да почне.