Средниот бек на Голден Арт КЛ7, Игор Ѓорѓиев имаше одличен настап против Финска, каде се најде во стартната постава, а ги постигна и своите први два погодоци во А националниот тим. Во него се гледа наследникот на Миркуловски, а младиот струмичанец е скромен и потенцира дека не е важно, кој и колку ќе игра, важно е екипата да победи на крајот.
Можеби одлуката на селекторот Кирил Лазаров на гостувањето во Финска во стартната постава на позицијата среден бек да му даде шанса на 20-годишниот Игор Ѓорѓиев изненади многумина, но младиот ракометар ја оправда довербата.
За него ова е трет натпревар за А селекција на Македонија, но премиерен во кој се појави како стартер, а и ги постигна првите два гола (од седмерец). Бекот вели дека селекторот му најавил дека ќе добие шанса и дека бил подготвен.
„Кога не повикаа на собир воопшто не очекував дека би можел да се најдам во стартната постава. На претходните два натпревари со Данска бев во составот и добив мала минутажа на гостувањето, но не се ни надевав на нешто повеќе сега. Имав разговор со селекторот Лазаров и тој ми најави дека ќе добијам шанса од првата минута против Финска, работевме на тоа и на тренинзите и се подготвував за дуелот“, објаснува Ѓорѓиев во разговорот за 24ракомет и продолжува: „Млад сум, 20 години и секако дека чувствував некој позитивен притисок. Ја претставувам мојата држава, играм со најдобрите ракометари – Лазаров, Миркуловски, Стоилов, Манасков… Тоа е огромна чест, но истовремено и голема мотивација.“
Ѓорѓиев ги постигна и првите два гола во сениорската репрезентација, па секако дека дуелот со Финска вечно ќе го памети.
„На секој играч му значат погодоците, секако дека и јас им се радувам, први за А тимот, но не се тие толку важни. Важна е победата и важно е да се радува екипата на крајот“, скромно размислува бекот.
До крајот на квалификациите Македонија ја очекува уште неделниот меч со Швајцарија, во Скопје, а младиот репрезентативец е дециден дека циклусот треба да се заокружи со победа.
„Пласманот на ЕП ни е веќе обезбеден, но не застануваме тука. Следно не чека Швајцарија, односно ние ја пречекуваме дома и како што најави селекторот – ние сме победници и мислиме и ќе одиме само на победа. Швајцарија ја добивме на гости, зошто сега да не го сториме тоа и дома и со позитивен резултат да ги завршиме квалификациите.“
Ќе го видиме ли Ѓорѓиев како стартер и на овој натпревар?
„Воопшто не се оптоварувам со тоа. Не е важно дали ќе бидам стартер, дали ќе добијам простор, кој колку ќе даде и кој колку ќе игра. Важно ми е екипата да одигра добар натпревар, да сме задоволни од она што ќе го презентираме на теренот и секако на крајот заедно да се радуваме.“
Игор Ѓорѓиев се најавува како заменик на Филип Миркуловски на плејмејкерската позиција, а со оглед дека тој е со двојна улога и играч и тренер колку имаш помош и поддршка во целиот процес.
„Комплетна! Ја имам сета поддршка од него, се консултираме и работи со мене како среден бек, ми стои на располагање за се што ми е потребно. И не само тој. Имам поддршка и од поискусните репрезентативци, ми укажуваат на грешките и имам голема помош од сите за што побрзо и полесно да се вклопам во тимот.“
Бекот својата кариера ја започнува во родната Струмица каде матичен клуб му е Макс Струмица (Зомимак М), за потоа да се кали во младинските категории на Вардар, но и да биде дел од вториот „црвено-црн“ тим. Тренира и со првата екипа, се до формирањето на проектот Голден Арт КЛ7 каде ја продолжува кариерата.
Ѓорѓиев, кој е и најдобар стрелец во својот тим, е желба на многу тренери, со оглед на тоа дека во овој организатор на играта се гледа голема перспектива, а тој не крие дека има и многу понуди за следната сезона.
„Во моментов сум посветен на репрезентација и на обврските кои ги имаме во ЕХФ неделата. Вистина е дека имам многу понуди од домашни клубови за следната сезона, имам и странски, но нема да брзам. Имам доволно време за да размислам и за тоа во која насока ќе ми оди кариерата.“