Екипата на Кире Лазаров, Нант во француското првенство забележа нова победа во заостанатиот натпревар од 9. коло на гостувањето кај Ст. Рафаел со 28:26 после пресвртот кој беше направен во второто полувреме.
Домашниот тим имаше добар почеток и после десетина минути имаше водство од 7:3. До крајот на првиот дел Ст. Рафаел го контролираше натпреварот и резултатот, имаше и највисоки пет предност, а на паузата замина со водство од 13:10.
Нант беше во негатива до 45. минута од натпреварот, а откако го презема водството до крај успешно го сочува за нов триумф. Во завршницата гостите имаа и четири предност, а Сен Рафаел успеа само да го ублажи поразот во последните минути.
Кире Лазаров на овој натпревар постигна четири гола од кои два беа од седмерец, а уште четири играчи исто така погодија по четирипати Пешмалбек, Ривера, Мин и Монар. Нант останува на третата позиција на табелата зад ПСЖ и Монпелје.