Ракометарите на Вардар се пласираа во финалниот двобој од четвртфиналната група во Купот на Македонија, откако славеа над Тиквеш со убедливи 42-24. Стратегот Стевче Алушовски на овој меч ги одмори Дибиров, Чупиќ, Ристовски, Гаџа, а за Тиквеш не настапи Јанчев.
Кавадарчани одржуваа резултатска рамнотежа на стартот на мечот, во еден момент дури имаа и предност, 5-7, но вардарци со серија од пет голови направија пресврт, 10-7.
Потоа беше и 15-12 во 25. минута, а гостите не постигнаа погодок пет минути. „Црвено-црните“ не промашуваа во нападот и до паузата постигнаа уште шест погодоци за 21-12.
Второто полувреме беше само формалност, но вардарци не застанаа и ја наполнија до врв мрежата на кавадарчани за конечни 42-24. Најдобри стрелци беа Димитриоски со десет и Јагуриновски со девет погодоци, а за Тиквеш, Симиќ даде 11 погодоци.
За место на завршниот турнир во Купот, Вардар ќе се бори против победникот од дуелот меѓу Радовиш и Астраион.