По тешката победа над Јуниор Кисела Вода, ракометарите на КЛ7 стигнаа до триумф на гостувањето кај составот на Астраион со убедливи 30-40. На полувреме гостите водеа со пет разлика, 15-20.
Струмичани изненадувачки отворија со водство од 5-2, но набрзина КЛ7 се врати во игра и поведе со 5-6.
Астраион водеше со 7-6, но избраниците на Игор Котевски со серија од четири погодоци за 7-10 ја преземаа контролата на теренот и до паузата обезбедија плус пет, 15-20.
Во второто полувреме само рутински беше одработена задачата, а гостинскиот тренер им даде шанса на сите ракометари. Се играше без одбрана и на двете страни, па до крајот паднаа 70 погодоци.
Поради три исклучувања во вториот дел, црвени картони добија Ѓорѓи Касапов од Астраион и Андре Буторац од КЛ7. Ова беше трет триумф за КЛ7 во разигрувањето за опстанок во суперлигашкото друштво, додека Астраион го доживеа третиот пораз.