Наследник на клупата на хрватската репрезентација на Лино Червар ќе му биде Хрвоје Хорват, неговиот досегашен асистент.
Поради тоа што ХРС бараше селектор професионалец, што ќе работи со националниот тим, Хорват се откажа од тренерското место во Нексе Нашице.
Хрватскиот клуб ја соопшти одлуката на социјалните мрежи и му се заблагодари на стратегот, па во Скопје против Вардар ќе има друг стручен штаб.
„Хрвоје Хорват ја презема функцијата селектор на хрватската ракометна репрезентација и повеќе не е тренер на ракометниот клуб Нексе. Управата, играчите и вработените во клубот му се заблагодаруваат на тренерот Хорват за соработката, професионалноста и се што стори за нашиот клуб во овие четири години заедничка работа“, напишаа од Нексе.
Тимот од Нашице ќе гостува во Скопје на 1 февруари на натпревар од СЕХА лигата против Вардар.