Составот на Металург претрпе уште еден пораз во Групата А од Лигата на Европа откако на гостувањето во Шпанија не успеа против Адемар Леон да најде игра за подобар резултат. Екипата на Адемар Леон дојде до триумф од 41:32.
Уште од почетокот на натпреварот стана јасно кој ќе победи денеска. Промените во стручниот штаб, долгиот пат со автобус до Шпанија си го сторија своето, па иако ова не може да биде алиби, сепак, е еден вовед за натпреварот.
Домашните рано го решија победникот на оваа средба. Наметнаа силно темпо кое постојано го засилуваа, па разликаа постојано растеше. Имаа 8:4 после десет минути, 11:5 само пет минути подоцна, а највисоки плус девет во првиот дел во 27 минута од натпреварот. Тогаш Адемар водеше со 19:10. Сепак, на одмор резултатот беше 20:13, но не даваше многу надежи за позитивен епилог.
Во продолжение од средбата домашните продолжија со играта која ја имаа во поголемиот дел од првото полувреме. Успеаја да стигнат до двоцифрена предност и тоа веќе во 33. минута од натпреварот. Тука веќе само стануваше уште појасно кој ќе победи.
Металург не успеваше да парира, па многу лесно примаше голови така што во 52. минута се дојде до резултат од 38:24. Овие плус 14 на осум минути до крај најавуваа тежок пораз за Металург. Сепак, тука следуваше серија од 4:0 за Металург и намалување на високата негатива.
До крајот остана негативата од десет гола, но во завршницата Металург ублажи уште малку и дојде до девет негатива. Конечните 41:32 во корист на Адемар, сепак, ги оставија бодовите во Шпанија, а Металург ќе може да се обиде пред своја публика за нешто повеќе.