Ракометарите на Еурофарм Пелистер имаа водство од 16:10 на полувремето, а имаа и плус седум, па на крајот од средбата мораа да се задоволат со реми од вториот одигран натпревар сезонава во Лигата на Европа. Битолчани денеска ремизираа против Кадетен со 25:25.
Домашната екипа имаше повеќе од играта во првото полувреме и доминираше на теренот во поголемиот дел од овие 30 минути. Добрата игра носеше и добар резултат, но имаше и подеми и падови.
Откако на почеток беше одиграно добро и во нападот и во одбраната тоа резултираше со 8:4 после првите 15 минути од средбата. Потоа во следните 6-7 минути не одеше најдобро и гостите се вратија. Меѓутоа откако резултатот беше 10:9 следуваше одлична серија од 6:0 со што беа направени највисоките плус седум на овој дуел.
Сепак, во последните моменти од првото полувреме гостите стигнаа до реализација за на одмор да имаат негатива од шест гола односно Еурофарм Пелистер да води со 16:10.
Почетокот на вториот дел од натпреварот не донесе игра според посакуваното. Високите шест гола почнаа полека да ги снемува. Место полека да се зголемуваат или да се чуваат дојде до постојано намалување на високата предност.
Во нападот не одеше најдобро, немаше доволно голема решителност за да се упати удар, а таквата игра допринесуваше тимот на Кадетен да се враќа во натпреварот.
ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 25-25 КАДЕТЕН ШАФХАУЗЕН
После 40 минути игра резултатот беше 19:15, но на средина на второто полувреме резултатот беше 20:18. Тоа беа само четири постигнати гола за 15 минути, а главно беше така поради тоа што се брзаше со шут повеќепати и од неизградени позиции. Сето ова беше казнето и во 52. минута гостите успеаја првпат после 1:1 на почетокот да израмнат. На нешто повеќе од пет минути до крајот на средбата дојде и првото водство за тимот на Кадетен од 23:22 така што ова беше голем пресврт за гостите.
Водството беше вратено откако голманот Благојче Трајкоски успеа да пресече еден напад на противникот и да асистира до Периќ кој имаше останато пред голот на гостите и немаше проблеми да реализира.
Сепак, не се издржа. Противникот успеваше да израмнува, а последното дојде на девет секунди до крај, па не остана многу време за последниот напад во кој одново се избрза со шут, па на крајот со нерешените 25:25 и двете екипи мораа да се задоволат со по еден бод.
Бабиќ: За да победиме, мора да играме на исто ниво цел натпревар!
Мараш: Бевме перфектни во првиот дел, а потоа не стигна заморот