Откако вчера беше официјално потврдено дека нема да се игра квалификацискиот турнир „Последна шанса“ во Уругвај за последното слободно место од Средна и Јужна Америка, денеска стана официјално дека се ослободува уште едно место на СП.
Планираното првенство на Северна Америка и Кариби, на кое требаше да играат САД, Канада, Гренланд и Порторико е откажано! Шампионот од ова првенство требаше да патува на Мундијалот во Египет во јануари, но ИХФ сега добива уште едно слободно место.
Tоа место светската куќа на ракометот треба да го додели како вајлд-карта, но со оглед на претходната одлука, САД да добие вајлд-карти за СП 2025 и 2027 година, реално е да се очекува дека и за овој Мундијал вајлд-картата да оди кај оваа репрезентација.
Шансата на македонската репрезентација да добие место во Египет, треба да се бара во откажаниот квалификацискиот турнир „Последна шанса“ во Средна и Јужна Америка.
Според правилата на ИХФ, местото на Средна и Јужна Америка (со оглед на тоа што се пробиени сите рокови за квалификации) треба да му припадне на најдобриот континент Европа, а оттаму прва резерва е селекцијата на Македонија, која беше 15 на последното ЕП во Австрија, Норвешка и Шведска.
Ќе игра ли ИХФ по правила или интереси: Македонија чека покана за Светско!