Ќе игра ли ИХФ по правила или интереси: Македонија чека покана за Светско!

Денеска официјално е потврдено дека нема да се игра квалификацискиот турнир „Последна шанса“, кој требаше да го даде последниот патник на Средна и Јужна Америка на Мундијалот во Египет 2021 година.

Тој беше закажан да се игра во Уругвај, а требаше да учествуваат Парагвај, Чиле, Колумбија и Ел Салвадор од 4 до 7 ноември. Пред една недела Колумбијците известија дека имаат два позитивни случаи и дека нема да патуваат во Уругвај на турнирот.

Паравгајските власти поради ширењето на Ковид-19 не и дозволија на ракометната репрезентација да патува надвор од границите на државата, па федерацијата на Средна и Јужна Америка немаше друго решение, освен да го откаже турнирот.

Според правилата на ИХФ, местото на Средна и Јужна Америка (со оглед на тоа што се пробиени сите рокови за квалификации) треба да му припадне на најдобриот континент Европа, а оттаму прва резерва е селекцијата на Македонија, која беше 15 на последното ЕП во Австрија, Норвешка и Шведска.

Дали ИХФ ќе остане доследна на своите правила или ќе смисли некое ново „корона правило“ останува да видиме следните неколку дена.

Отворено прашање останува и одржувањето на шампионатот на Северна Америка и Кариби, чиј победник треба да игра на Мундијалот во Египет.