ИНТЕРВЈУ ИРИНА ДИБИРОВА: За ЖРК Вардар да освои титула требаше време, континуитет и среќа, а тоа го немаше

Ирина (Полторацкаја) Дибирова, или, кај нас попозната како сопруга на вардарецот Тимур Дибиров, е руска ракометна легенда. Кога ја побарав за интервју, дури и таа самата се шегуваше на своја сметка, дека нејзината ракометна приказна не е од оваа ера. „Моите деца не знаат дека јас сум била позната ракометарка и дека сум освојувала медали. Тие се смеат за тоа. Не ми веруваат... Ми велат ’Што!? Ти си играла?“

Шегата на страна, популарната Ира зад своето име има медали на сите големи натпреварувања, три светски злата, олимписко сребро… и трофеи во сите европски клупски купови, меѓу кои два шампионски пехари во Лигата на шампионите. Од овие причини многумина ја сметаат за една од најуспешните ракометарки на сите времиња. А, таа останува скромна и насмеана, потенцирајќи дека многу работи не ни памети повеќе.

„Многу работи од мојата приказна не ги паметам, не се од оваа ера. (се смее) Толку многу работи ми се случија од кога на 30 години ставив крај на кариерата до денеска, што навистина им се чудам на другите како им успева да запаметат се до детаљ. Јас некако така минувам низ работите, тие се случиле во минатото и тоа е тоа. Чувам за себе, за искуство некои моменти, кои ми помагаат во животот или за лична мотивација. Дури и кога ќе се собереме со другите девојки или ќе се јават некои руски новинари да ме прашаат за некои моменти како ги паметам, јас ништо не паметам. Секој ден тие спомени ми се се подалеку и подалеку. Моите редители ми ги чуваат медалите, јас чувам деца, за мене тие се најважниот медал“ – децидна е уште на старт Ирина Дибирова.

Таа од последен избор при селекцијата на девојки во училиштата станува национална ракометна ѕвезда во таборот на Евгениј Трефилов.

„Во Русија тренерите доаѓаа во училиштата и приоритет имаа високите девојки, а јас бев поситна и не влегов при првиот избор. Го молев тренерот да ме земе во тимот, му објаснував колку многу сакам ракомет, и на крај остана уште едно место и така добив шанса. Но, ја бараа висина на татко за да имаат потврда дека може да пораснам (се смее) и така почнав, во училиште, а потоа во Ростов Дон.“

Дибирова целата своја кариера ја минува во четири клуба, од кои единствено интернационално искуство и е дански Шлагелсе.

„Причината поради која не изградив некоја поголема интернационална кариера е репрезентацијата. Во тоа време имаше некој таков концепт во Русија, функциониравме како клуб-репрезентација. А и имаше можности, добри услови, пари. Прво го направивме тоа во Лада, но откако не успеавме во целта, имаше еден период на апатија и сите заминавме во различни клубови. Јас конкретно во Данска. Потоа повторно Трефилов ми се јави, да се обидеме и сите се вративме во Звезда.“

ТИМОТ ПРЕД ЛИЧНИТЕ УСПЕСИ

Кога и споменав на Ира дека за многумина таа е една од најдобрите ракометарки воопшто, веднаш ме прекина.

„Не! Ракометот е екипен спорт. Можеби на 20-21 година како млада сум имала некои лични амбиции, но кога еднаш ќе победиш како тим, сфаќаш дека индивидуалното не е повеќе важно. А потоа од натпревар во натпревар добиваш различни задачи и сфаќаш дека само кога секој ќе си го одработи своето тогаш може сите заедно како тим да се радуваме. Како што созреваш како играч, така сфаќаш дека тимското е пред индивидуалното. Многу е важно кога ѕвездите работат за екипата, тоа е клучот за победата. На таквата филозофија не учеше Трефилов, затоа што тој имаше тим со ѕвезди и мораше да не научи како да соработуваме и да играме една за друга. Во тим од 14 ракометарки сите бевме добри другарки, но Ина Суслина ми е најдобра другарка, со неа ги минав сите филтри во ракометот од младински селекции до сениори и ден денеска сме заедно.“

АЊА АНДЕРСОН МИ ПОДАРИ УШТЕ ШЕСТ ГОДИНИ РАКОМЕТ

Побарав да се вратиме на тоа, зошто Полторацкаја го одбра Шлагелсе.

„Низ целата моја кариера имав понуди да играм во големи клубови надвор од Русија, но за мене не беше цел да градам интернационална кариера, бевме посветени на националната кауза, со Русија да се освои сè што може. Ви велам во тој период на апатија добив понуда од Шлагелсе, која ја прифатив поради тренерот Ања Андерсон, која беше многу интересна и актуелна во тоа време. Исто така тогаш имав тешка повреда на коленото, со многу операции и сите, па дури и јас мислевме дека тоа е крајот. Но, Ања ми даде шанса, ангажираше доктор, кој ме оперираше со зафат кој дотогаш го немаше направено ниту еден ракометар. Тоа е уште една од причините поради која отидов. Тоа беше тежок процес на рехабилитација, но Ања веруваше во мене и ми подари уште пет-шест години во ракометот. Кога сите ми велеа стоп, таа ми даде шанса и за тоа сум бескрајно благодарна“, се потсети Ирина.

Факт е дека по таа повреда и по враќањето од неа, Ира ги прави и најголемите успеси во кариерата.

„Да, но по таа повреда за мене сè се сведуваше на многу екипна работа. Ако претходно  можев сама да решавам натпревари, да постигнувам по десет голови на натпревар без проблем, по повредата имав поинаква улога во екипата. Играв за екипата, кога можам да направам акција за другите, да асистирам, да отворам простор и секако ако имам шанса и да дадам гол. Но и во тие услови созревав како играч и уште повеќе на важност доаѓаше моментот на екипа.“

МАКЕДОНИЈА Е МОЈОТ ВТОР ДОМ

Игра на судбината или чиста случајност е тоа што Ирина Дибирова на Европското првенство во Македонија во 2008 година го има последниот настап на едно големо натпреварување за Русија.

„Последното големо натпреварување ми е ЕП 2008 во Македонија. Потоа продолжив да играм во руското првенство, но се здобив со повреда и на другото колено.Се обидов да се рехабилитирам и да се вратам пак, но беше многу тешко за мене и решив да престанам да играм. А и немав стимул повеќе… Освоивме сè што можеше, одевме на ЕП, СП, Олимпијади, освоивме медали. Можеби ми недостасува тоа олимписко злато, но сфатив дека нема да можам да издржам… И не жалам за ништо, што било било… Сите медали и трофеи ми се важни, сите си имаат своја убавина, но тие се во минатото сега. Гледам само за она што го имам денеска. Сите грешки, сите загубени натпревари и шанси тоа е искуство за мене и треба да имаш и порази и победи за да пораснеш како човек.“

Пет години подоцна, во 2013 се враќа во Скопје, заедно со Тимур и нивниот син, за неговиот ангажман во Вардар. Подоцна во Македонија ќе се породи и со своето второ дете.

„Со Тимур сме заедно веќе 17 години, од 2003 од Лада. Тоа е чудна игра на судбината… се вратив во Македонија како сопруга на Тимур и сега Македонија е мој втор дом. Исто ми е кога ќе кажам дома во Македонија или дома во Русија. Ќерка ми е родена тука, Тимур има македонски пасош, јас не, се уште чекам (се смее). Преку Тимур и Вардар имам шанса да уживам во ракометот само како обичен гледач. Без коментари, анализи и критики после натпревар, затоа што во спротивно ќе биде многу тежок фамилијарниот живот (се смее). Имам други обврски, немам време за тоа, а и кога одлучив да ставам крај на кариерата тоа беше тоа, никогаш повеќе не сонувам да играм ракомет.“

ТРЕБАШЕ ДА УЧАМ, А НЕ ДА БИДАМ ПРВ ТРЕНЕР НА ЖРК

Од пасивен гледач во 2017 година ќе седне на клупата на Вардар без тренерско искуство и без тренерска лиценца.

„Основна лиценца, она прво ниво, добив во Русија, по завршувањето на кариерата, а сега веќе учам и за мастер коуч.“ – објасни Ира и продолжи: „Ми беше понудено да му бидам асистент на Давид Дејвис и тоа за мене беше интересно, да пробам да учам како помошник. Но потоа се случи Давид да се врати во машкиот тим и бидејќи беше некој чуден (лош) период од сезоната и ЖРК Вардар не можеше да најде тренер и ме поставија мене за прв тренер. Но тоа беше многу тежок, многу нервозен период за мене, во кој бев буквално растргната меѓу семејството и клубот. Кога ќе се потсетам, прво гостување на Вардар со мене како прв тренер и се пакувам да одам, и ноќта ќерката крена температура, немав на кого да ја оставам или кој да ми помогне, и не заминав на тоа патување… Од Тимур секогаш имам поддршка, но и тој со неговите професионални обврски не можеше ништо да стори. Многу тешка ситуација за мене. Од внатре сакав да бидам во ракометот, но не така брзо, одеднаш да станам прв тренер. Не можев да ги одбијам, како да го оставам клубот без тренер? Во тој момент почувствував дека не треба да ја оставам екипата на цедило, па морав да жртвувам многу и од приватниот живот.“

Со Едуард Кокшаров во 2017 и година дена подоцна со Роберто Парондо на клупата имаш шанса да ја освои Лигата на шампионите и како тренер. Но како нешто да недостасуваше во тој тим на ѕвезди, кој ги имаше буквално сите предиспозиции да стане европски првак..

„Требаше време. Треба многу среќа да има тој тренер, кој на клупата на еден тим ќе седне во март, а во мај ќе освои ЛШ. За секој тренер треба време, а за мене двојно повеќе, со оглед на моето скромно искуство на таа функција. Имав многу помош, следната сезона дојде Парондо, кој и самите знаете за каков стратег се работи. Но таа сезона беше многу тешка за Вардар, финансиски, потоа дојде и тоа дека клубот повеќе нема да функционира на тоа ниво. Работата во Вардар ми донесе повеќе од тренерско искуство. Беше психолошката работа, поддршката на играчите и моето играчко искуство многу ми помогна за да разберам што чувствуваат девојките и што треба да кажеш во одреден момент. Знаев како да комуницирам со секој играч и како да му пристапам без разлика дали е ѕвезда или млад играч. На последниот Ф4 ми беше многу жал за девојките, сакаа да се збогуваат со титула и за Човиќ, која не го даде последниот гол… Не знам како го преживеа тоа, но потоа сфатив дека ако го преживееш и надминеш тој тежок момент, во иднина ќе биде подобро, ќе бидеш посилна и во глава и емотивно. Она што недостасуваше е и континуитет на еден тренер, а и многу беше тешко да се задржи формата на екипата која во сезоната игра само 10-12 силни натпревари.“

Се гледаш ли себе си во иднина како тренер?

„Тренерската работа е интересна, но таа бара 24/7 посветеност и тешко е за жена која има семејство, со две мали деца и сопруг активен спортист да работи тоа. За мене тоа е невозможно во моментов да го изведам. Можеби во иднина кога Тимур ќе заврши со кариерата и кога децата малку ќе пораснат, ќе добијам лиценца и ќе можам да пробам. Може во младинска конкуренција, не знам дали повторно би прифатила таква понуда како во Вардар. Тренерската работа е тешка, комплексна, бара комплетна посветеност. Екипата ти е како децата, ако дома имам две деца, таму ќе имам 22 деца.“

ВТОРАТА ТИТУЛА НА ВАРДАР Е НАЈЕМОТИВЕН МОМЕНТ ЗА МЕНЕ

Како играч кој доживел многу колку Ира сега ги преживува работите преку Тимур и неговите успеси и неуспеси со Вардар?

„Многу! Најемотивен момент за мене беше кога по вторпат ја освоија Лигата на шампионите, дури поемотивен и од мојата кариера. Поради се со што се соочуваа, заминаа во Келн како отпишан клуб, а се вратија со пехар и опстанаа.“

ЖИВЕАМ ЗА ДЕНЕСКА

Неколкупати низ разговорот Ирина спомена дека живее за денеска, а тоа го потврди уште еднаш на крајот.

“До пред некое време правев планови и се гледав во иднината некаде, ама сега по сите овие случувања, коронавирусот, не правам планови. Не знам што ќе биде, давам се од себе и живеам за денеска и не мислам на иднината… ми делува некако неизвесна. Го минавме целиот карантин во дома, во Македонија и беше и убаво и чудно истовремено, затоа што Тимур беше цело време дома со мене и со децата. Беше убаво да сме заедно и уживавме без разлика на се што се случуваше.“