Ракометарите на Металург славеа со 26-24 во првиот натпревар од второто коло во Лигата на Европа.
Пивотменот Бранко Канкараш постигна три голови на овој дуел, а вели дека ваквата предност ќе ги одржи будни и внимателни пред реваншот, но и дека ќе биде доволна за пласман во групната фаза.
„Искрен да бидам, овој дуел покажа дека Металург има голем потенцијал, но покажа дека има и одредени слабости. Се надевам дека натпреварот во Швајцарија ќе биде во наша корист. Драго ми е што победивме само со два гола разлика, бидејќи повисока разлика ќе не опуштеше, а вака ќе бидеме будни и многу ангажирани на реваншот, во кој ќе ја оствариме целта – пласман во група“, вели Канкараш за 24Ракомет.
Металург немаше повисока предност од плус два, а ниту Криенс не водеше со повисока предност. Канкараш смета дека и плус два ќе биде доволно.
„Малку фалеше концентрација во завршницата, знаевме кои се маните на Криенс и ги користевме, можеби можевме да имаме повисока победа, но пак ќе кажам можеме да играме со нив и во Швајцарија и се надевам дека ќе се пласираме во групите со гостинска победа“, заврши Канкараш.
Реваншот се игра следниот вторник во Цирих, а Металург во меѓувреме ќе одигра уште две средби од Суперлигата, против Работнички и против Младост во Богданци.