Откажувањето на клубови од држави рангирани од првото до деветтото место на ЕХФ ранг листата му дава надеж на тимот од Автокоманда дека може да ги прескокне квалификациите
Македонскиот машки ракомет од вчера и официјално има четворица претставници во европските клупски купови во новата сезона, Вардар во Лигата на шампионите и Еурофарм Пелистер, Металург и Бутел Скопје во Лигата на Европа. За вардарци сликата е веќе јасна, тие ја добија конкуренцијата за групната фаза од новото елитно издание, па она на што остана да мислиме во моментов е позицијата која трите наши претставници ќе ја имаат во Лигата на Европа.
ЕХФ на 21 јули ќе ги објави позициите кои клубовите ќе ги имаат во ова европско клупско натпреварување. Сепак се знае дека Еурофарм Пелистер кој аплицираше, но не доби вајлд-карта за во Лигата на шампионите, сигурно ќе го гледаме во групната фаза, но дали може и Металург да се надева на директно место во група?
Ова прашање почна да се наметнува неодамна откако стана јасно дека пандемијата од коронавирусот и тоа како удри по буџетите на клубовите и нивните европски аспирации. Се повеќе екипи од земјите кои се меѓу топ-девет на ЕХФ ранкингот го откажуваат своето учество во европските клупски купови, што му дава надеж на тимот од Автокоманда дека може да ги прескокне квалификациите.
Во сезоната 2020/2021 според правилата на ЕХФ 12 екипи ќе обезбедат директно место во групната фаза. Еден тим е од државата со најмногу титули во Челинџ купот – Романија, шест места се за екипи од држави рангирани под десеттото место, кои немаат претставник во Лигата на шампионите, додека пет екипи се од држави рангирани од првото до десеттото место, односно второ или трето рангираните клубови во националните првенства.
Клубови од Шпанија, Германија, Полска… (земји од топ-10) веќе се повлекоа од учество во Лигата на Европа, па во таков случај зошто Металург да не добие шанса директно во групната фаза.
Покрај Вардар со две европски титули, Металург е вториот македонски тим, кој своевремено жареше и палеше низ Европа и тоа во Лигата на шампионите, а лани за влакно му побегна пласманот во групната фаза од ЕХФ купот. Со актуелниот ростер со кој располага Зоран Кастратовиќ нема дилема дека „металурзите“ ќе му пркосат на секој предизвик и дома и во Европа, па останува само среќата да им се насмее и Македонија да има два претставници во групната фаза од Лигата на Европа.
Доколку Металург не се најде директно во група, тогаш со сигурност ќе биде еден од четирите директнопласирани екипи во второто квалификациско коло. Што се однесува до нашиот трет тим во ова друштво, Бутел Скопје, кои според домашниот пласман во Европа излегуваат како четвртопласирани, сигурно ќе го гледаме во квалификациите, но распределбата на местата ќе потврди дали ќе почне од првото или второто коло.
Конечниот одговор ќе го добиеме на 21 јули, додека ждрепката е закажана за една седмица подоцна.