Европската ракометна федерација од „втора“ ги објави тимовите што се пријавиле за место во Лигата на шампионите. Претходната објава беше повлечена поради тоа што меѓу тимовите фалеше романскиот ЧСМ Букурешт.
Кај мажите има 10 сигурни места во групната фаза, меѓу кои едно е за Вардар, додека остануваат уште 6 слободни места за кои конкурираат дури 14 екипи, меѓу кои и Еурофарм Пелистер.
ПИК Сегед, Висла Плок, Адемар Леон, ГОГ Гудме, Нант и Спортинг Лисабон заедно со битолчани аплицираа како второпласирани во домашните шампионати, а како шампиони се пријавија Бешикташ, Мотор Запорожје, Елверум, Целје, Динамо Букурешт, Кадетен Шафхаузен и Мешков Брест.
Гледајќи го списокот, шансите за место во елитната конкуренција на Еурофарм Пелистер не се баш големи. Но и лани беше така, па битолчани добија место во Лигата на шампионите.
Кај дамите има 9 сигурни места во групната фаза, а за слободните 7 места конкурираат уште 11 тимови, меѓу кои и нашиот Куманово.
ЦСКА Москва, Битигхајм, ЧСМ Букурешт, Брест Бретањ, ФТЦ, Сторхамар и кумановки побараа дополнително место, додека како шампиони од држави што немаат директно место во ЛШ, место побараа Бањик Мост, Подравка, Крим, Хор и Кастамону.
Со оглед на конкуренцијата, шансите на Куманово не се баш големи.
ЕХФ ќе ги објави сите тимови што ќе добијат место во ЛШ на 19 јуни, кои претходно ќе треба да бидат потврдени од Извршниот Комитет на ЕХФ. Тоа значи дека и оние екипи што имаат директно место според рејтингот, треба исто така да добијат уште една потврда.
Ждрепката за групите во двете конкуренции е на 1 јули.