Во периодот кога сите клубови имаат проблеми со финансиите предизвикани од коронавирусот, женскиот клуб Вестерасирста од Шведска доби огромен подарок. Свеа Френбо, која има 96 години и своевремено играла ракомет, донираше 100.000 круни на клубот.
Очигледно е дека таа овој потег не го направила за да привлече внимание, туку едноставно се грижи за клубот и луѓето кои работат таму и сака да помогне. Како и што самата вели клубот има посебно место во нејзиното срце.
„ Клубот е посебен за мене. Јас и мојот сопруг долги години игравме ракомет, во наше време клубот се викаше Вестерас, а потоа се спои со Ирста и стана Вестерасирста. Никогаш не игравме за тој клуб, но поврзаноста постои и денеска моите внуци играат за клубот и секако дека ги следам“, рече Свеа за медиумите во Шведска кај кои привлече големо внимание со нејзината одлука.
Коронавирусот не заобиколи ниту еден клуб во Шведска и Европа, па така и Вестерасирста на кој оваа помош е добредојдена. Луѓето од клубот го истакнаа своето задоволство и благодарност до Свеа.
„Радоста е огромна кога вакво нешто неочекувано ќе ви се случи, како гром од ведро небо. Навистина ова што го направи Свеа е одлично за нас“, коменетираше спортсиот директор Френе Буверуд. На него се надоврза и тренерот на екипата Томас Морен. „Вестерасирста се бори за својот опстанок, сè е многу неизвесно во овие времиња. Ние, како и сите други, аплициравме за грантовите од Шведската спортска федерација, но никој не знае што точно ќе добиеме. Сите дополнителни приходи се добредојдени,а во овој случај тоа е неоспорно прилично голем приход за нас.