Во какво друштво ќе бидат македонските екипи во Лигата на Европа – Магдебург, Бидасоа, Хановер, Монпелје…(ФОТО)

Македонија ќе има три претставници во следното издание на Купот на ЕХФ, кое од сезоната што претстои ќе се вика Лига на Европа и ќе се игра по друг систем. Според одлуката на УО, тоа се Металург, Еурофарм Пелистер и Бутел Скопје, а доколку сакаат може да се пријават за вајлд-карта тимовите на Охрид и Пролет.

Во групната фаза ќе има 24 екипи, а 12 од нив ќе добијат директно место во групите, додека 12 ќе дојдат од квалификациите што ќе се играат во две кола. Според проекцијата на ЕХФ, во второто по ранг натпреварување да играат вкупно 56 екипи (40 екипи во првото квалификациско коло, 4 со директно место во второто квалификациско коло и 12 со директно место во групите).

Сепак веќе има најави од дел од екипите што имаат изборено пласман преку домашните шампионати нема да се пријават поради високата котизација од 20.000 евра, па ЕХФ ќе биде на мака да ја пополни бројката. Една македонска екипа ќе добие директно место во групната фаза, една во второто коло, а третата ќе игра од првото квалификациско коло.

Сите шампионати во Европа не се се уште завршени, но и покрај тоа може да се направи проекција на тимовите што би играле во Лигата на Европа. Тука сигурно ќе бидат силните бундес лигаши, Магдебург и Хановер, француските Монпелје и Ним, шпанските Адемар Леон и Бидасоа…Дел од овие тимови може да побараат вајлд-карта за ЛШ, но тешко дека ќе ја добијат.

Во Лигата на шампионите најверојатно ќе се преселат Фленсбург, Нант, ПИК Сегед и Мешков Брест, а можно е да има место и за Целје, Динамо Букурешт, Елверум, Спортинг Лисабон или можеби Еурофарм Пелистер, кој ќе се пријави за вајлд-карта.

Има силни и незгодни тимови од типот на украинскиот Мотор Запорожје, швајцарскиот Кадетен Шафхаузен, португалската Бенфика, хрватскиот Нексе, унгарската Татабања…па во претстојната сезона ќе гледаме интересни и неизвесни натпревари. Новиот термин за играње е вторник, со тоа што дел од натпреварите ќе може да се играат и во среда, а почетокот ќе биде или во 18:45 часот или во 20:45 часот.