Ракометната федерација на Македонија предложи нов систем на натпреварување во следните две сезони во машката Суперлига, за кој клубовите се изјаснија позитивно, но тој сепак треба да добие верификација од Управниот Одбор. Состанокот на УО е закажан за среда. Промени се најавени и во Женската лига, како и во младинските лиги, но тие нема да бидат главна тема на состанокот на УО, туку распоределбата на местата за европските купови во сезоната што претстои.
Македонија има по четири претставници во двете конкуренции, и кај мажите и кај жените. РФМ има право да пријави по еден тим во Лигата на шампионите најдоцна до 1 јуни, додека за Лигата на Европа, каде може да пријави три екипи, тоа мора да го стори најдоцна до 9 јуни.
Вардар се смета за сигурен учесник во Лигата на шампионите, додека Металург и Еурофарм Пелистер по сите математики би требало да добијат место во Лигата на Европа. За третиот претставник, ќе има вистинска „војна“ меѓу Охрид, Бутел Скопје и Пролет. Металург и Еурофарм Пелистер се надеваат на директно место во групите од Лига Европа што би им гарантирало најмалку 10 натпревари во второто по ранг натпреварување во рамките од ЕХФ. Засега само едно место е загарантирано директно во групи.
УО ќе биде на големи маки да состави критериуми по кои ќе донесе одлука, а се најавува и можноста да биде побарана вајлд-карта за Лигата на Европа. Тоа не е според прописите на ЕХФ, но со оглед на тоа што многу екипи од другите држави најавија дека нема да играат во Лигата на Европа, сигурно ќе се отворат дополнителни места.