Чантурија: Ќе навивам за Македонија и малку повеќе за Грузија!

По двата натпревари со Турција и Италија, македонската репрезентација ќе одигра уште две пријателски средби против селекцијата на Грузија. Еден од најдобрите грузиски ракометари, кој скоро цела своја кариера ја помина во нашата земја е десното крило Реваз Чантурија. Тој иако веќе почна да настапува за Металург, сепак нема да ризикува со неодамнешната повреда и нема да игра против Македонија. Чантурија вчера им посака добредојде на неговите сонародници.

„Управата и стручниот штаб предводен од Драган Ѓукиќ се одлучија да ја поминеме ЕХФ неделата во Македонија. Од денес сме комплетни и ќе бидеме тука цела недела, до четврток ќе тренираме, а во петок и сабота ќе одиграме пријателски натпревари со Македонија. Грузија пристигна со интересна репрезентација предводена од шефот на стручниот штаб Драган Ѓукиќ, тренерот Никола Максимовиќ и кондициски тренер Марко Шешум. Сите максимално професионално и добро ја вршат својата работа. Имаме смена на генерации. Од оние постарите, „ветераните“, останавме тројца, покрај мене тука се Тевадзе кој игра во Решица, Романија и Чиковани кој настапува во Констанца, останатите се перспективни и млади ракометари кои се веќе добро познати на македонската ракометна публика. Покрај Кбилашвили (Металург), Цителишвили (Охрид), тука се и ракометари кои во минатото настапувале во Македонија, како Дикаминџија (минатата сезона во Струга) и Орјоникидзе (пред три сезони во Прилеп, потоа во Пелистер). Арсенишвили игра во португалскиот шампионат во Брага и Цховребадзе во Монпелје, Франција. Останатите ракометари доаѓаат од грузиското првенство“, вели Чантурија.

На Грузија пријателските средби против Македонија ќе и послужат да се подготви подобро за квалификациите за СП 2021 и за претквалификациите за ЕП 2022.

„Јасно ни е против каква ракометна сила играме, но овие два натпревари против Македонија и овој собир ќе бидат од огромна корист за нашата репрезентација. Секогаш посакував да играм против Македонија, и еве после 15 години Грузија гостува во Скопје, но јас само ќе гледам и навивам. Повредата која ја заработив во летниот подготвителен период е веќе минато, но се уште не сум 100% фит. Затоа одлучив да не ризикувам, ќе навивам за двете репрезентации, а малку повеќе за татковината, Грузија. Со половина македонската селекција се дружам приватно и има многу сегашни и поранешни соиграчи меѓу нив. Македонија ми е втор дом и затоа сум многу среќен што токму овие пријателски натпревари ќе се играат овде“, продолжува Чантурија.

Грузија ќе има две нови шанси да обезбеди историски пласман на некое големо натпреварување, иако се наоѓаво тешка група на турнирот во Италија.

„Во јануари не очекуваат претквалификации за Светско првенство против Италија, Романија и Косово, и тогаш треба да бидам во вистинска форма. Веднаш потоа играме квалификации за Европско првенство 2022 против Финска. Целта ни е да се покажеме во најдобро светло на двомечот со Македонија и турнирот во Италија, за потоа да ги поминеме Финците. Оваа ЕХФ недела ќе ни биде од корист, ќе се надигруваме со една силна екипа како што е Македонија. Ќе играме против ракометни величини како што се Кире Лазаров, Дејан Манасков, Ристовски…Голема благодарност за домаќинот и огранизатор, РФМ за топлиот пречек“, заврши Чантурија.

Првиот натпревар меѓу Македонија и Грузија се игра в петок од 20:00 часот, додека вториот е во сабота од 16:00 часот.