Обезбедувањето на победа од 25:24 во полуфиналето против Алжир донесе место во финалето на Трофеј „Карпати“ за репрезентацијата на Македонија, но триумфот беше обезбеден многу потешко од сите очекувања. После 15:9 на полувремето се чинеше дека ова ќе биде лесна победа, но место тоа на крајот мораше да се спасува победата и пласманот во финалето.
Репрезентаттивците на Македонија тргнаа добро во средбата и постојао беа во предност од два гола. Како се доближуваше првото полувреме кон крајот работите почнаа да се менуваат и предноста почна и да се зголемува.
Од минута во минута водството растеше така што во самиот финиш на првиот дел беше обезбедена и предност од шест гола разлика и 13:7. До крајот на првите 30 минути оваа позитива беше зачувана, па на одмор се замина со 15:9.
Почетокот на второто полувреме донесе проблеми во играта, па ракометарите од Алжир го искористија ова за да се вратат во ритам. Успеаја да ја намалат негативата, која многу брзо падна до два гола така што средбата влезе во неизвесен тек.
Постојано се менуваа работите, а ракометарите имаа проблеми и со голманот на Вардар, Калифа Гедбан кој бранше за Алжир, па противникот успеа да намали и на гол разлика. Практично и во последните пет минути од средбата се влезе со само гол предност од 23:22.
До крајот се правеше сè за да се зачува водството. На 25:24 противникот имаше напад за реми, но дојде до грешка, па Македонија ги имаше последните десет минути со топка во свој посед така што беше искористена шансата за да се дојде до победа и утре да се игра во финалето на турнирот во Букурешт. Противник ќе биде подобриот состав од дуелот Романија-Холандија.
Организаторот на играта, Марио Танкоски беше најефикасен на теренот со осум гола. Поповски остана зад него со четири, а потоа следуваа со по три гола Мишевски, Велковски и Никола Маркоски. Димитриоски постигна два гола, додека Маџовски и Костески по еднаш ја затресоа мрежата на Алжир.