Еден од најискусните ракометари во првиот дел од подготовките на сениорската репрезентација на Македонија е голманот Никола Митревски, кој ќе биде предводник во оваа фаза кога ќе се учествува и на Трофејот „Карпати“, но без најголемиот дел од интернационалците.
Тој смета дека овие средби ќе бидат одлични за да се види формата на сите ракометари така што треба да се одработи најдобро што може за да се дојде до посакуваното.
„Овие натпревари ќе бидат показател кој до каде е со формата. Сите ќе имаат шанса за да се докажат и да се наметнат за настап на Европкото првенство. Мислам дека овие средби што ќе ги одиграме следната недела се добредојдени како за нас играчите така и за стручниот штаб за да видат што и како играчите можат, но и да испробаат тактички варијанти за првенството. Треба да се искористи најдобро што може секоја минута, па потоа после Нова година да го очекуваме комплетниот состав“, вели Митревски.
Секој настап на големо натпреварување, но и секој меч во дресот со националниот грб секогаш дава голем плус во желбите за докажување на секој од играчите.
„Секое првенство и секој настап за репрезентацијата е предизвик и задоволство е да се игра. Уште повеќе на Европско првенство. Сите имаат моѓност да бидат дел од подготовките и пријателските средби и сите треба да се докажат во најдобро светло за на селекторот да му биде што потешкo да одлучи на кого ќе смета во јануари на подготовките и за настап на шампионатот. И за мене е мотив плус да се игра за националниот дрес. Можам да потврдат дека ќе го дадам максимумот“.
На Европското првенство Македонија во првиот дел ќе се соочи со селекциите на Австрија, Чешка и Украина и потребно е да се освои едно од првите две места за да се дојде до место во втората рунда.
„Во групата нема изразит фаворит. Сите имаат шанса за поминување понатаму. Имаме најизрамнета група. Таа израмнетост треба да ја искористиме во наша корист и да поминеме во втора фаза и ако ни се укаже шанса за да поминеме понатаму како првопласирани ќе биде уште подобро бидејќи тоа ќе ни значи многу за вториот круг“.
Предноста за Македонија ќе биде искуството од настапите од претходните шампионати.
„Имаме континуитет на овие натпреварувања од 2012 година и искуството секако значи за овие учества. Поголемиот дел од играчите сме заедно од 2014 година. Тоа ќе ни биде плус за нас на овој шампионат“.
Овој пат младите се во голем број и за нив ова ќе биде големо искуство.
„Секој треба да го најде своето место во ростерот, па дали играл 5-10 или 50 минути да го даде својот допринос. Понекогаш за поминување понатаму одлучуваат ситници. Можеби некој што ќе влезе еден напад да реши натпревар. Сите ние треба да бидеме свесни што и како не очекува на ова првенство и таа минутажа што ќе ја даде тренерот да се искористи максимално“, изјави Митревски.