27 години немаа странци, за новата сезона ангажираа веќе тројца

Репрезентативецот на Тунис, десното крило Маџуб Рамзи е третото засилување во редовите на Црвена Звезда. Раководството на амбициозниот клуб од Србија трансферот на Рамзи го потврди преку клупската страна.

Тунижанецот во српскиот суперлигаш ќе пристигне од редовите на тунискиот клуб Есперанса, претходно играше и за Африкан. Црвена Звезда ќе му биде првиот интернационален предизвик во неговата кариера.

Со својата репрезентација го освои сребрениот медал на Африканското првенство во 2020 година и на Медитеранските игри во 2018 година. Беше дел од Светското првенство во 2019 и 2021 година, но не добиваше голема минутажа на двата Мундијали.

Претходно Црвена Звезда се засили со екс ракометарот на Металург, Бранко Канкараш, како и со десниот бек од Израел, Ротем Сегал. Двајцата ракометари ја засилија Црвена Звезда од Макаби Ришон Ле Зион.

Сите тројца ракометари се првите интернационални засилувања во Црвена Звезда, со исклучок на ракометарите од поранешна Југославија, по пауза од 27 години.