Во подготовката за оваа анализа, гледајќи го натпреварот Фарски Острови – Норвешка во текот на целиот натпревар чуствував некои измешани чувства на радост и горчина во исто време. Останав апсолутно без зборови од она што го играше репрезентацијата на Фарски Острови, буквално во секој сегмент на ракометот.
Играа одбрана која се засноваше на борбеност доведен до фанатизам, полуконтра која беше организирана со свој почеток, развивање и ако се отвореше ситуација, и со завршеток… а ако немаше ништо од тоа, се одеше на цел и мирен напад. Напад кој во секој дел од мечот имаше различен ритам и беше одлично подготвен да не и дозволи на Норвшска да има полуконтра, и контра, да се размавне и да го реши натпреварот во првите 20-30 минути.
Сето ова го говорам како една паралела и споредба со нашата репрезентација и нашата игра. Бидејки повеќе не може да се споредуваме со репрезентации од првите 20, и не ни останува ништо друго да се восхитуваме на играта на Фарски Острови.
Никој неможе да ме убеди дека фарската лига е нешто квалитетна, ниту дека репрезентативците на Фарските Острови имаат нутриционист (бабичка која со спортска исхрана има заедничко како и јас со контрола на летање). Ниту пак нивниот селектор е селектор на сите можни генерации од мини ракомет, кадети, јуниори… сениори.
Што ќе каже дека без разлика на флоскулите дека менуваме генерации и дека во моментов толку е силата, репрезентацијата на Фарски Острови е најдобар демант на сето тоа и можеби показател дека ние апсолутно се движиме во погрешен правец.
Затоа денеска ќе треба да сме за 180 степени завртени кон нешто сосема поинаку. Ја сум сигурен дека можеме многу повеке како во одбраната, така и во нападот, меѓутоа ќе мора да сме поцврсти во дуелите затоа што Германците се сосема различна репрезентација од француската. Нивниот пристап ќе биде сосема поинаков од првиот натпревар што го одигравме, и ако не сме свесни за тој факт ќе поминеме многу полошо од Швајцарија.
Не смееме да дадеме ниту минимум шанса за било каква полуконтра затоа што германската машина ќе не меле и нема да застанат додека не бидеме комплетно понижени. Мораме да бидеме трпеливи и да играме ракомет што не и одговара на Германија… а тоа е спор, долг напад до фаза на пасивен.
Можеби ќе биде тоа неубаво за гледање, меѓутоа тоа е начинот против физички помоќната и посилна Германија. Се надевам дека овој пат ќе се научи од грешките и ќе им дадеме шанса на нашите играчи да влезат во егал игра наместо да ги донесеме во ситуација да бидеме топовска храна.
Прст на чело, глава горе и храбро и без страв Македонијо!
*Борко Ристовски е поранешен македонски репрезентативец, кој сега ја извршува функцијата извршен директор во Вардар. Чуварот на мрежата бранеше за Вардар, Металург, Maкедонија и Југ, а на меѓународна сцена го бранеше голот на големата Барселона, на бундеслигашите Гумерсбах, Лемго и Рајн Некар Левен, беше дел од шпанските Теукро и Алгесирас, францускиот Кретеј, португалската Бенфика…За македонската репрезентација настапи на многу големи натпреварувања, а беше дел и од најголемиот успех на ЕП 2012 во Србија.