23-годишниот Кристјансон е МВП на Ф4 во Келн!

Екипата на Магдебург е новиот шампион во Лигата на шампионите по триумфот над Келце од 30:29, со што бундеслигашот стигна до својот четврти златен медал во елитата.

Бронзениот медал го освои тимот на Барселона, која во натпреварот за трето место беше убедлива против ПСЖ на Раул Гонзалез со 37:31.

За МВП на турнирот е прогласен Гисли Кристјансон, кој беше меѓу најзаслужните за освоеното прво место на Магдебург. Исланѓанецот во полуфиналето против Барселона доживеа повреда на рамото, не се знаеше дали ќе биде подготвен за денешното финале, но со шест погодоци ги изненади избраниците на Талант Душебаев.

Оваа сезона за Кристјансон е дефинитивно најдобрата во неговата кариера. Средниот бек беше прогласен и за најдобар играч на сезоната во Бундес лигата, во која неговиот тим не успеа да ја одбрани титулата и заврши на 2. позиција.

Екипата на ГОГ иако не играше на Ф4 турнирот, сепак, нејзиниот член Емил Мадсен е најдобар стрелец на сезоната во Лигата на шампионите. Данецот елитното натпреварување го заврши со 107 погодоци, доволно за прво место на листата на стрелци.

Ракометарот на Барселона, десното крило Алеиш Гомез е нов крал на стрелците на завршните турнири во Лигата на шампионите.