Екипата на Тиквеш им се врати на победите во Супер лигата, откако на домашен терен славеше над „витамините“ од Автокоманда со 27-26. Кавадарчани до триумфот стигнаа по пресврт во второто полувреме, а победникот беше решен во драматичната завршница.
Искусниот голман Марјан Велков беше херој на домашниот тим, откако го запре ударот на Горазд Дамчевски во последната секунда од мечот што можеше да донесе реми. Младиот состав на тренерот Никола Матлиески одигра добро прво полувреме и на паузата замина со предност од два гола (13-11).
Сепак, по одморот, Тиквеш успеа да ја преземе иницијативата и да го сврти резултатот во своја корист и успеваше да ја има контролата на теренот. Гостите не се предаваа, кавадарчани погрешија во последниот напад за да стават печат на триумфот и им дадоа шанса на „витамините“.
Тие тргнаа во напад за реми, успеаја да стигнат до позиција за шут, но голманот Велков го запре ударот на Дамчевски и триумфот остана дома. Кавадарчани по поразот од тимот на Лазаров им се вратија на победите, а „витамините“ на други натпревари ќе бараат прв триумф.
























