Ракометарите на Прилеп славеа во драматичен финиш на гости кај Бутел Скопје со 29-27, откако се вратија од негатива од четири гола во последните петнаесетина минути, кога домаќинот водеше со 25-21. Предводени од голманот Трајкоски со 12 интервенции и капитенот Димитриоски со осум гола, гостите освоија два важни бода во битката за ТОП 6. Домаќините ги имаа располжените Марковски со седум и Ѓеоргиевски со пет гола, но тоа не беше доволно за прво сезонско славје.
По 4-4 на стартот на првиот дел, домашните го искористија исклучувањето на Маркоски, па преку капитенот Ѓеоргиевски и Субашевски на двапати успеаја да се одлепат на плус три, 7-4.
Прилепчани не се предаваа, казнија неколку грешки на домаќините и по петнаесетина минути игра преку Крстески израмнија на 9-9, а тоа беше сигнал за стратегот на Стоилов да бара тајм-аут за Бутел.
Тоа не ги поколеба прилепчани не само што стигнаа во егал, туку направија и пресврт и поведоа со три гола, 12-9 помогнати од голманот Трајкоски. Таквата разлика ја одржуваа до паузата, кога беше 16-13.
На стартот на второто полувреме на теренот како да излезе „нов Бутел“. Растрчаните домаќини на чело со одличниот Чаневски на голот, за само седум минути постигна седум гола и си ја врати највисоката предност од првиот дел, 20-17.
Одбрана на бутелци беше на ниво, домашните стигнаа и до плус четири, 24-20 и 25-21 на петнаесетина минути до крајот. Но тоа не беше доволно за уште оттогаш да се осигура триумфот, па Прилеп казни неколку грешки и намали на 25-24.
Во последните пет минути се влезе со драма и реми, 25-25, откако Бутел остана без столбот на одбраната, Теодор Тодески кој доби трето исклучување, а домашните беа во еден момент и со двајца помалку на теренот.
Тоа го искористи Прилеп, кој поведе со два гола, 28-26, пред црвен картон да добие и гостинскиот играч Петар Маркоски по третото исклучување. Тогаш Стоилевски намали на минус еден, потоа Бутел имаше шанса и за реми, но одбрани Трајкоски.
Добија домаќините уште една прилика и таа беше пропуштена, па Прилеп се израдува на важни два бода во битката за плеј-офот.

























