Барса рутински до бронза, Раул и ПСЖ повторно поразени

Ракометарите на Барселона по убедливиот триумф над ПСЖ со 37:31 го освоија бронзениот медал на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите.

Барселона на натпреварот за трето место полесно од очекуваното стигна до победа, со оглед на тоа дека ПСЖ немаше свој ден и одигра многу лошо во најголемиот дел од дуелот.

Избраниците на Раул Гонзалез одржуваа ритам до 8-та минута, потоа дозволија каталонскиот гигант да има целосна доминација на теренот. По нерешените 6:6, следуваше лоша игра на ПСЖ, кој влезе во резултатска криза, па ланскиот освојувач знаеше како да ги казни грешките на најбогатиот европски клуб. За пет-шест минута игра, тимот на Барселона со убиствена серија од 8:0 дојде до 14:6 во 15-та минута.

До тој период, голманот на Барселона, Перес де Варгас имаше седум интервенции, додека чуварот на мрежата на францускиот шампион Јаник Грен само три одбранети удари. Францускиот претставник немаше свој ден, никако не можеше да влезе во ритам, се обидуваше да дојде до пристојна негатива, но едноставно грешките си го направија своето и Барселона рутински на пауза замина со плус девет, 22:13.

Иако се очекуваше дека во вториот дел ќе дојде до пад во играта на Барселона, сепак, ПСЖ влезе во уште поголема криза. Во 35-та минута, предноста на Барселона беше десет гола разлика, 26:16. Ниту во последните 25 минути од натпреварот немаше поголема промена на резултатот. Ракометарите на Карлос Ортега беа разиграни, погодуваа од сите позиции и не дозволуваа многу продор на ривалот.

Најефикасен во таборот на победничката екипа беше словенечкиот репрезентативец Блаж Јанц со седум погодоци. Кај ПСЖ се истакнаа Камил Шипжак, кој исто така имаше седум реализации. Одличен на голот на Барселона беше Перес де Варгас, имаше дури 22 одбранети удари. Кај ПСЖ, Јаник Грин застана на шест интервенции, а Андреас Паличка дуелот го заврши со пет одбранети удари.