„Ќе одиме чекор по чекор, наш фокус сега е само Холандија“

Еден од ривалите на Македонија на Мундијалот во Полска и Шведска ќе биде селекцијата на Аргентина.

Селекторот Гиљермо Милано вели дека групата на СП е тешка, но дека фокусот е на Холандија, со која играат на првиот меч.

„Групата на Светското првенство е тешка, со дури три европски репрезентации, нешто необично. Но, тоа е и предизвик и ни дава надеж и покрај тежината на групата. Во секој случај, не смееме да заборавиме дека овој Мундијал служи и како транзиција кон Панамериканските игри во Сантијаго, на кои ќе тргнеме во потрага по пласман на Олимписките игри. Секогаш помага кога се натпреваруваш против добри репрезентации. Ќе го подигнеме нивото на игра и ќе ги прилагодуваме деталите како што ќе одминуваат деновите. Нашиот фокус ќе биде на првиот натпревар на Светското првенство, против Холандија. Но, треба да одиме чекор по чекор и да дозираме минути за сите играчи да пристигнат во добар натпреварувачки ритам“, вели Милано.

Македонија во првото коло на 13 јануари игра со Норвешка, за два дена ќе се соочи со Холандија, додека во последното коло ќе игра против „гаучосите“.