Јовиќ: Оваа победа е на тимот, момците беа пожртвувани на максимум

Екипата на Еурофарм Пелистер 2 дојде до победа од 27:26 против шампионот Вардар во 9. коло од Супер машката лига откако одигра неверојатно. Момците се надминаа, прикажаа ракомет каков ретко се гледа од млад состав и докажаа уште еднаш дека се одличен противник за секого.

„Вардар на оваа средба дојде без Дибиров и уште неколку важни ракометари. Дел од нив поради повреда, дел поради правилото за број на странци. Ние влеговме на терен максимално мотивирани. Најмладите одиграа со неверојатна пожртвуваност во одбраната во текот на целата средба. Вардар тешко успеваше да дојде до шанса за гол, а имавме и добар голман кој беше максимално расположен. Имавме добра игра во одбрана, добра контра, полуконтра… едноставно  одговоривме како зрела екипа иако во поголем дел од натпреварот игравме со генерација 2002/03. Бевме одлично носени од публиката. Во Битола одамна не било вака на трибините и во салата. Инаку, би сакал да му честитам и на Вардар бидејќи одигра максимално фер и коректно“, изјави за 24 Ракомет, тренерот на Еурофарм Пелистер 2, Александар Јовиќ.

Тренерот на битолчани и пред средбата сметал дека момците ќе можат да парираат, но дека сè ќе зависи од тоа како ќе се одвива играта.

„Потајно се надевав дека можеме да изненадиме денеска. Кога размислував пред натпреварот реков дека или ќе отиде на десет разлика или ќе биде нерешено и ќе можеме така да дојдеме до победа. Испадна втората варијанта, а момците покажаа зрелост. Одиграа одлично. Во една ваква партија не е убаво да издвојуваме, но речиси сите одиграа максимално. Овој успех го направивме како тим“.

Инаку, целта и понатаму е јасна, а тоа е пласман во плеј-офот и продолжување на напредокот на момците.

„Нашата цел како Еурофарм Пелистер 2 е да се пласираме меѓу првите шест екипи и да играме во плеј-офот. Мисламд ека екипата со прикажаното досега и со потенцијалот кој го поседува заслужува да игра во плеј-офот. Ние не летаме во облаци. Ние сме втора екипа која треба да произведува играчи за првиот тим и за во репрезентацијата. Имаме огромен потенцијал, но потребно е време и трпение. И најважно, не треба да се брза“, коментираше Јовиќ.

Со оваа победа тимот на Еурофарм Пелистер 2 се наоѓа на 4. место со пет бода помалку од првиот тим и од Вардар и само два помалку од третопласираниот Пролет.

СУПЕР МАШКА ЛИГА – ТАБЕЛА

ПозЕкипаНПРЛБ
1МЕТАЛУРГ22701515