Јехона и Пелистер ќе се борат за титулата кај пионерките

Екипите на Јехона и Пелистер ќе се борат за шампионската титула на Ф4 турнирот кај пионерките, откако во полуфиналето славеа против Деспина, односно Ѓорче Петров.

Во првото полуфинале играа екипите на Јехона и Деспина, а исходот од дуелот беше 22:15 во корист за избрнаичките на Фари Селмани.

Јехона во победата над прилепскиот тим беше предводена од Габриела Божиноска, Сара Дамјаноска и Мила Николоска.

Трите ракометарки беа незадржливи на теренот и во голот на Деспина постигнаа по шест погодоци.

Кај Деспина се истакнаа Ања Лашкоска со пет погодоци и Христина Варошанска со четири реализации.

Ѓорче Петров, кој во ланската сезона ја освои титулата на пионерскиот Ф4, нема да има можност да ја брани, бидејќи во полуфиналето против Пелистер немаше доволни сили и беше поразен со 19:13.

Битолчанки беа предводени од Анастасија Тодоровска со седум и Јана Лазаревска со шест погодоци, додека кај Ѓорче Петров отскокна Антонела Ѓероска, која петпати се запиша во листата на стрелци.

Натпреварот за трето место меѓу Деспина и Ѓорче Петров ќе се одигра со почеток од 17:00 часот.

Финалниот дуел меѓу двата дебитанти на Ф4 турнирот е закажан за 19:00 часот.

Двата дуели исто така ќе се одиграат денес, во спортската сала „Христо Батанџиев“ во Ѓорче Петров.