Јанкуловска: Холандија ги казни сите наши грешки

Македонија загуби од Холандија со 30-15 во натпревар од второто коло на Европското првенство во Скопје.

Левиот бек Ангела Јанкуловска, доби минутажа од селекторот Савевски и смета дека ривалот имал перфектен напад за разлика од нашиот.

„Холандија е светски шампион од пред три години, и нормално дека беше фаворит против нас. Тие се многу брзи и имаа перфектен напад, за разлика од нас, кои направивме многу технички грешки кои беа казнети. Имавме слаба реализација. Се надевам дека со Романија ќе се покажеме во многу подобро светло“, вели Јанкуловска.

Натпреварот меѓу Македонија и Романија се игра в среда на 9 јануари со почеток во 18:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“.