Јанев: Oдбраната во второто полувреме беше клучна за победата над Тиквеш

Бутел Скопје славеше над Тиквеш со 32-24 и го потврди местото во плеј-офот на Суперлигата, иако има да одигра уште четири натпревари до крајот на регуларниот дел.

Во отсуство на казнетиот тренер Кристијан Грчевски, кој беше казнет поради исклучувањето на мечот со Работнички, тимот на Бутел Скопје беше предводен од асистентот Дарко Јанев.

Јанев, кој ги водеше бутелци на дуелите со Младост Богданци и Тиквеш, вели дека долгите паузи поради корона се причина за падовите во играта.

„Ситуацијата што неколку месеци ја предизвикува коронавирусот и долгите прекини во Суперлигата, си го прави своето. Немањето континуитет на натпревари е причината за да варира формата и да има големи падови во играта“, вели Јанев за 24 Ракомет.

Кавадарчани играа одлично во првото полувреме, лесно го наоѓаа патот до мрежата на домашниот тим, но во вториот дел се консолидира одбраната.

„Во второто полувреме ја стегнавме одбрана, таа беше потпомогната со полуконтра и контра и се врати нашата игра во нормала. Голманот Блажески исто така влезе во својот препознатлив елемент и не само што направивме пресврт по водството на Тиквеш од четири голови, туку на крајот и победивме убедливо“, продолжува Јанев.

За Бутел останува да ги одигра уште двете дерби средби против тимот на Металург, а има гостување кај Еурофарм Пелистер 2 во Битола и домашен меч со Прилеп.

„Ние практично го обезбедивме местото во разигрувањето за титулата со оваа победа, но имаме за играње уште четири средби, на кои ќе одиме максимално мотивирани за надигрување и нормално на победи без никакви калкулации“, заврши Јанев.

Следниот натпревар Бутел Скопје ќе го одигра на домашен терен против составот на Металург.

Мајиќ броеше до 13, Бутел со пресврт во вториот дел до висок триумф над Тиквеш

Мајиќ: Најважно е што обезбедивме плеј-оф, македонската лига е една од најквалитетните на Балканот