Мајиќ: Најважно е што обезбедивме плеј-оф, македонската лига е една од најквалитетните на Балканот

Бутел Скопје славеше над Тиквеш со 32-24 и го потврди местото во плеј-офот на Суперлигата, иако има да одигра уште четири натпревари до крајот на регуларниот дел.

Најдобар стрелец во домашниот тим беше Мирко Мајиќ со 13 погодоци. Црногорското лево крило смета дека одличната одбрана во вториот дел била пресудна за убедливата победа.

„Со оглед на тоа што не бевме на нашето препознатливо ниво и дека лошо го отворивме натпреварот, бевме во грч и одбраната не можеше да направи ништо. На паузата имавме разговор во соблекувалната и се што беше таму договорено, потоа беше испочитувано на теренот. Знаеме какви квалитети имаме и колку вредиме како колектив. Ние сме препознатливи по играта во одбрана и мислам дека тоа најмногу пресуди за пресвртот во наша корист. Мислам дека заслуживме да победиме, бидејќи игравме како едно во вториот дел, а тоа е клучен момент во колективните спортови“, вели Мајиќ за 24Ракомет.

Бутел Скопје е веќе во плеј-офот од Суперлигата, а има за играње од регуларниот дел уште четири меча.

„Имаме уште четири дуели да одиграме и сигурно дека нема ништо да препуштиме на случајноста! Ќе одиме на секој натпревар на победа, бидејќи Бутел покажа колку вреди како колектив. Ова е тешка сезона за сите клубови, не се знаеше од старт дали ќе играме или нема да играме, па почна, па се прекина…ппа половиина играчи имаа коронавирус. Сепак до поддршка еден за друг, сите тие работи ги пребродивме на вистински начин и навистина сум среќен поради тоа, па еве стигнавме и до плеј-оф“, продолжува Мајиќ.

Бутелции ќе играат на два пати со Металург, со Прилеп дома и со Еурофарм Пелистер 2 во Битола.

„Секогаш сум оптимист. Зошто да не бидеме први на табелата, мислам дека имаме квалитет за тоа. Но што и да се случи најважно е дека обезбедивме место во плеј-оф, а таму ќе има многу квалитетен македонски ракомет и луѓето ќе може да уживаат во убавината на лигата, која е меѓу најдобрите на Балканот“, заврши Мајиќ.

Мајиќ броеше до 13, Бутел со пресврт во вториот дел до висок триумф над Тиквеш

Јанев: Во вториот дел нашата одбрана беше во елемент, тоа беше клучно за победата над Тиквеш