ОХРИД 2026: Цирар повторно покрај езерото – Овде оставив пријатели и убави спомени

Гал Цирар повторно е во Охрид, но овојпат како ракометар на Тримо Требње. Словенечкото крило помина убав период во охридскиот клуб, а враќањето во „Билјанини Извори“ разбуди многу спомени. Цирар со пофални зборови зборуваше и за развојот на Охрид и историскиот европски трофеј.

Гал Цирар повторно е покрај Охридското Езеро. Словенечкиот интернационалец овојпат не е во дресот на Охрид, туку како член на Тримо Требње, кој е еден од учесниците на турнирот „Крсте Андоновски“.

За Цирар враќањето во градот во кој помина значаен дел од кариерата е нешто посебно.

„Супер е. Среќен сум што дојдовме со мојот нов клуб на овој турнир. Убаво е повторно да се вратам тука и да се потсетам на некои убави моменти. Поминав убав период во Охрид и навистина сум среќен што сум повторно тука“, вели Цирар.

Тој смета дека и самиот турнир од година во година станува поквалитетен.

„Секоја година турнирот е посилен и мислам дека треба да бидеме среќни поради тоа. За нас ова се одлични подготовки и одлична можност да играме добри натпревари“, потенцира словенечкото крило.

Периодот поминат во Македонија за Цирар не значел само натпревари и тренинзи. Во Охрид создал пријателства кои останале и по неговото заминување, а дел од нив воопшто не се поврзани со ракометот.

„Оставив пријатели овде, имам луѓе со кои останав во контакт, а некои од нив немаат никаква врска со ракометот. Засега немав време да ги посетам, но се надевам дека во следните денови ќе можеме да се видиме и да се дружиме“, вели Цирар.

Токму затоа неговото гостување на „Крсте Андоновски“ е и можност да се врати на добро познати места и да се сретне со луѓето со кои го поврзува периодот поминат покрај езерото.

Цирар добро го познава развојниот пат на Охрид. Откако го напушти клубот, охриѓани продолжија да растат, а минатата сезона стигнаа до најголемиот успех во историјата – освојувањето на ЕХФ Европскиот куп. Во финалето беше совладана Татабања, а решавачкиот натпревар се одигра токму во „Билјанини Извори“.

За поранешниот играч на клубот, тоа не е случајност.

„Честитки за тоа што го направија. Во Охрид добро се работи веќе со години и тоа што се случи не е случајно. Мислам дека клубот работи на еден проект веќе шест-седум години и сега се гледа резултатот од сето тоа“, вели Цирар.

Според него, европскиот трофеј не мора да биде крајната точка на развојот на клубот.

„Мислам дека Охрид може да биде уште подобар во следните години. Ќе биде интересно да се гледа како ќе се развива клубот“, додава Цирар.

Интересно е што Цирар сезонава би можел уште еднаш да се врати во „Билјанини Извори“, но тогаш на официјален натпревар. Охрид и Тримо Требње се дел од ЕХФ Европскиот куп за сезоната 2026/27, па постои можност ждрепката во некоја од подоцнежните фази да ги спои двата клуба.

„Сигурно постои шанса повторно да дојдам. Не знам како ќе падне ждрепката, но се надевам дека ќе имаме можност. Би бил среќен повторно да дојдам овде“, вели Цирар.

Цирар сезонава се врати во Тримо Требње, клуб за кој настапуваше и претходно во кариерата. По сезоната во австриски Холабрун, повторно ќе биде дел од словенечкото првенство.

А таму очекува исклучително интересна сезона.

„Во Словенија не можеш однапред да кажеш кој е најдобар. Тука се Целје, Тримо, Горење, Крка… Сите екипи се добри и против секого можеш да загубиш“, смета Цирар.

Најдобар доказ за неизвесноста, според него, е претходната сезона.

„Минатата година никој не очекуваше дека Целје ќе освои двојна круна, а на крајот ги освои и Купот и првенството. Затоа сега ќе видиме што ќе донесе новата сезона. Ќе биде интересно“, додава Цирар.

На прашањето дали ќе најде време и за Охридското Езеро, Цирар со насмевка одговори:

„Ќе видиме каква е температурата на водата…“

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________