Словенечкиот Тримо Требње го совлада Олимпијакос со 25-24 и сега има четири бодови по два меча на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“. Со овој триумф, Тримо се најде на чекор до финалето.
Ако Вардар слави против Нексе, тогаш македонскиот шампион и Тримо ќе имаат по четири бода и во директна пресметка утре ќе решаваат за првото место во групата и за патникот во битка за трофеј.

Јунак на Тримо Требње беше некогашниот голман на Еурофарм Пелистер, Урбан Лесјак, кој запиша 19 интервенции во оваа победа и беше избран за МВП на натпреварот.
Целото прво полувреме мина во израмнета и неизвесна битка, само еднаш Тримо водеше со два гола разлика, 5-3, но Олимпијакос набрзина се врати и беше нерешено, 5-5, а на паузата, 10-10. Словенечкиот тим во првиот дел остана без тренерот Бранко Тамше, кој доби црвен картон поради приговор кон судиите.
Лесјак бранеше и натаму одлично, но неговите соиграчи долго време не можеа да го скршат отпорот на противникот. Беше 21-18 на десетина минути до крајот, а тоа беше првпат кога Тримо отиде на плус три. Олимпијакос не се предаде, но немаше решение за Лесјак и на крајот остана со празни раце.
Грчкиот првак ќе игра уште со Вардар, но тоа нема премногу да смени ако македонскиот првак слави против Нексе, па Олимпијакос ќе игра најмногу за петтото или седмото место на турнирот.

























