Тимот на Прилеп по третото место на Струшкиот турнир се наоѓа пред нов предизвик и настап на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“.
Стратегот Наум Танески го сумираше сработеното на Струшкиот турнир и е задоволен од настапот во неговиот роден град.
„Влеговме во четвртата недела од подготовките. Одигравме добар турнир во Струга, а претходно имавме и натпревар во Маврово. Потоа игравме со Вардар, Бутел и домаќинот Струга. Турнирот го завршивме на третото место, зад Охрид и Вардар, и мислам дека таму се претставивме во добро светло“, вели Танески.
Турнирот во Прилеп ќе биде генерална проба за стартот на Супер лига.
„Овој турнир во Прилеп ќе ни послужи да видиме до каде е целиот ростер и на кои играчи можеме да сметаме. Целта е дополнително воигрување на екипата и да им дадеме шанса на ракометарите кои досега имаа помала минутажа. На турнирот ќе има многу квалитетни екипи. Тука се Бутел и Тиквеш, кои минатата сезона завршија меѓу петтото и осмото место, играа во плејофот и обезбедија место во Европа. Ние и Еурофарм Пелистер 2 завршивме зад нив. Интересни се и Мулти Есенс, екипа составена од младински и кадетски репрезентативци која игра многу брз ракомет, како и Младост Богданци, која значително се засили за оваа сезона. Целта не е по секоја цена да форсираме резултат и да одиме на сè или ништо. Мора да им дадеме шанса и на играчите што досега немаа голема минутажа. Најважно е добро да се подготвиме за сезоната и да одиграме квалитетен турнир“, изјави Танески.
Прилепчани ова лето донесоа квалитетни засилувања.
„Минатата сезона не учествував многу во креирањето на ростерот. Дел од странските играчи што беа донесени не се покажаа онака како што очекувавме и многу брзо заминаа од клубот. Во текот на минатата сезона ги донесовме Никола Цветановски и Никола Шипинковски и тие се покажаа како добри засилувања. Цветановски и претходно беше дел од клубот. За оваа сезона ги донесовме Благојче Трајкоски, Петар Маркоски и Андреј Стојановски и сметам дека станува збор за добри засилувања. Наша цел е да бидеме на петтото или шестото место, да влеземе во плејофот, а со тоа да обезбедиме и настап во Европа. Мислам дека е време Прилеп повторно да игра европски ракомет и дека имаме екипа способна за тоа. Мислам дека ростерот во овој момент е практично затворен. Финансиски сме во рамките на предвидениот буџет. Можеби во текот на сезоната ќе има уште едно засилување, но тоа ќе зависи од буџетот и од потребите на екипата“, смета Танески.
Тој вели дека четворката од врвот на македонскиот ракомет.
„Четирите екипи што се на врвот се многу квалитетни. Реално, ние и клубовите што се движат од петтото до осмото место сме сè уште далеку од нив. Можеме да одиграме добар натпревар, особено дома и кога ќе имаме добар ден, но тие клубови се проектирани за Лигата на Европа и Лигата на шампионите и имаат голем квалитет. Би сакале дополнително да покриеме уште две позиции, со по едно засилување, но мора да се движиме во рамките на буџетот. Не сакаме да се залетуваме. Во моментов одредени позиции ги покриваме со играчи на кои тоа не им е примарна улога и ќе се обидеме да го извлечеме максимумот од ростерот што го имаме. По турнирот ќе останеме уште една недела во Прилеп. Имаме договорено уште еден пријателски натпревар во последната недела од подготовките и со тоа практично ќе го затвориме подготвителниот период“.
Тренерот на Прилеп се осврна на проблемот со спортската сала во Прилеп.
„Ова што го имаме во Прилеп се гради со години и мислам дека е многу добра работа и за клубот и за градот. Треба да продолжиме во таа насока. Ние работиме максимално и се приспособуваме на условите што ги имаме. Секако дека за градот би било добро да има голема и функционална сала. Тоа нема да ни го смени тренажниот процес преку ноќ, но ако следната сезона обезбедиме Европа, ќе биде многу важно натпреварите да ги играме во соодветна сала и да имаме услови какви што заслужуваат клубот и градот. Се сеќаваме како беше во салата во Тутунски Комбинат, каде што имаше и до 2.000 гледачи, а во салата ‘Македонија’ се зборуваше и за многу поголема посетеност. Публиката во Прилеп сака ракомет. Наше е да работиме во клубот, а се надевам дека прашањето со салите ќе биде решено“, заврши Танески.
























