Денеска стартуваше 11. издание на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ со два меча на кои победи прославија Тиквеш и Прилеп.
На првата средба од групата 1, кавадарчани иако беа во негатива од пет гола, 16-11, во драматичен натпревар успеаја да го совладаат Бутел Скопје со 23-22.
Стрелец на последниот гол што се покажа победнички за Тиквеш беше левото крило Димитар Коцев, кој ја прифати одбиената топка по одбраната на Марко Богдановски и погоди за два бода на стартот во Прилеп.
Кај Тиквеш најдобар стрелец беше Мохамед Азиз со седум гола, а по пет пати стрелаа Тоше Ончев и Димитар Коцев. Дејан Михајловиќ даде пет гола за Бутел Скопје, по четири пати погодија Теодор Тодески и Лука Јовиќ.
Домаќинот Прилеп се помачи во првиот дел на мечот со „витамините“ од Автокоманда, но славеше со 31-26. Крилата Денис Шабановиќ и Димитар Димитриоски со осум, односно пет гола беа најдобри кај прилепчани, додека Горазд Дамчевски беше прво име со пет погодоци во составот на Никола Матлиески.

























