Ракометарите на Вардар го совладаа составот на Нексе со 33-27 и ќе се борат за првото место во групата Б на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид. За разлика од првиот меч против Олимпијакос, вардарци мораа добро да се испотат за да стигнат до бодовите.
Утре Вардар ќе биде во директна битка со словенечкиот Тримо Требње за првото место во групата што носи финале и битка за трофеј. Во другата група Охрид и Загреб ќе бидат исто така во директен двобој за финале.
Вардар овој меч го одигра со еден пикер, Кристијан Анастасовски, а во ростерот недостигаа Лазаревски, Стојановски, Бомаштар, Митровиќ, Јанковски…но и тоа беше доволно за да се победи незгодниот хрватски состав.

Во првото полувреме Нексе ја имаше контролата на теренот и на резултатот. Водеше хрватскиот состав со 8-4, но по одбраните на Валах, македонскиот првак се врати во егал и израмни на 9-9.
Вардар потоа одново бркаше негатива, Малус се разигра во финишот на првиот дел и на паузата беше 16-15 за Нексе. Слично продолжи и второто полувреме, се играше гол за гол до 22-22, но на сцена стапи Валах, Анастасовски имаше два гола по ред, уште еднаш погоди Малус.

Со серија од четири гола, Вардар за кракот отиде на 26-22 и со четири плус влезе во последните десетина минути. Тоа беше моментот кога се „прекрши“ мечот и беше решен победникот.
Најдобар стрелец кај екипата на Вардар беше Јака Малус со десет погодоци, додека шест гола даде Вукашин Воркапиќ. Голманот Милош Валах имаше 15 интервенции.
Нексе по поразот од Тримо и овој од Вардар, останува да се бори со Олимпијакос за третото место во групата што носи меч за петто место на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ против српскиот вицепрвак Војводина.

























