Шишкарев: Имаше комбинација да се вратам во Вардар

Македонскиот шампион Вардар најмалку промени во последните неколку сезони направи на десната крилна позиција.

Таму стандардни до лани беа Иван Чупиќ и Данил Шишкарев. Руското десно крило лани летоска потпиша договор на две сезони со Веспрем по шест години минати во Скопје, но одработи само една.

Сега тој се врати во татковината и следната сезона ќе го носи дресот на рускиот шампион Чеховски Медведи. Во интервју за „Брз Центар“, Шишкарев откри дека било разговарано и за камбек во Вардар зимоска, но таа варијанта на крајот ја одбил.

„Опцијата за враќање во Вардар беше актуелна во јануари. Разговарав за тоа со тренерот Стевче Алушовски, кој тогаш го водеше тимот. Му кажав дека имам договор на уште една сезона со Веспрем, но дека претходно не играв скоро три месеци поради повреда. Но во меѓувреме сакав да си докажам и себе и на клубот дека потписот со Веспрем не беше грешка, па на крајот се откажав од варијантата камбек во Вардар“, вели Шишкарев во интервју за рускиот портал „Брз Центар“.

Русинот открива дека во тек е исплатата на долговите на претходниот спонзор на Вардар, Сергеј Самсоненко.

„Да речеме дека тоа е во процес. Имам доверба во Самсоненко и знам дека ќе добиеме се што ни се должи до последно“, заврши Шишкарев.

Десното крило во Вардар мина шест сезони и успеа да освои две титули во Лигата на шампионите.