Четвртфиналните двобои во СЕХА ќе се играат на лето

Од регуларниот дел на регионалната СЕХА лига останаа да се одиграат уште четири меча, а по еден за македонските претставници Вардар и Еурофарм Пелистер.

Вардарци на 27 април гостуваат кај Војводина, а тој меч ќе покаже по каков пат ќе се движат „црвено-црните“ кон Ф4 – дали скратен со четвртфинале против Веспрем или подолг со осминафинале и четвртфинале. Останатите три средби во кои Загреб треба да игра со Татран, Еурофарм Пелистер и Металопластика, тешко дека ќе се одиграат со оглед на густиот распоред на сите екипи.

Осминафиналините пресметки ќе бидат на програмата во мај, по репрезентативните акции, а веќе се знаат термините за двобојот меѓу Татран Прешов и Војводина. Двете средби ќе се играат во Прешов на 4 и 5 мај. Победникот од овој двомеч оди на четврфиналето на Мотор Запорожје.

Еурофарм Пелистер е најмалку втор во групата А, па јасно е дека ја прескокнува осминафиналната пречка. Доколку не се игра дуелот со Загреб, битолчани можат да заборават до август на СЕХА. Четвртфиналните пресметки ќе се играат на лето, после 20 август, додека Ф4 турнирот веројатно ќе биде на почетокот на септември, а сите екипи ќе имаат големи промени во ростерите.